Делегација на МАЕИ оствари средби со Заев и Мицкоски

Делегација на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) предводена од претседателот и пратеник во албанското собрание Васил Стерјовски оствари средби со премиерот Зоран Заев и пртеседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Перспективите на Република Македонија и Република Албанија се во ЕУ и во НАТО. Евроатлантскиот пат нема други алтернативи за земјите од регионот, бидејќи само на тој начин се можни вистински демократски слободи и права на граѓаните во државите и економски и културен развој согласно европските вредности, констатираа премиерот Зоран Заев и првиот пратеник на македонското малцинство во Албанија, Васил Стерјовски.

На средбата заедничка беше и оценката дека добрите пријателски односи меѓу двете земји отворија можности за надминување на повеќе наследени состојби од минатото и шанси за ефикасно работење на гранични премини, подобрување на инфраструктурата и образовни унапредувања во местата каде што живеат граѓани од македонското национално малцинство во Албанија.

Делегацијата на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) го запозна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со положбата на македонската заедница во Албанија и со тековните активности на МАЕИ. (Македониум)