Амбасадорот Марковски ја посети општина Пустец

Македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски ја посети општина Пустец, Мала Преспа каде оствари средба со претставници на локалната власт и со наставниот кадар од гимназијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ и донираше книги за библиотеката на училиштето.

Професорите од гимназијата посочија дека има недостиг на учебници на македонски јазик и побараа од амбасадорот да се обезбедат учебници по предметите што со закон во Албанија се дозволени да се изучуваат на македонски јазик.

Тие се пожалија на лошите услови во училиштето за кои албанскиот премиер Еди Рама при ланската посета со премиерот Зоран Заев во Пустец вети дека набрзо ќе го одобри проектот за реконструкција на училиштето.

Од амбасадорот беше побарано да се организира и екскурзија во Македонија за учениците од Пустец со цел подобро да ја запознаат својата матична земја.

Општина Пустец опфаќа девет населени места. Во Пустец функционира гимназија и деветтолетка кои работат во ист објект. Уште една деветтолетка функционира во селото Долна Горица, а во останатите функционираат подрачни училишта до четврто одделение. (Македониум)