Дејан Нестор избран за претседател на Македонското студенско друштво

Македонците по потекло надвор од територијата на Република Македонија кои како стипендисти на македонската влада студираат на универзитетите во Република Македонија на 9-ти мај 2015 година во Скопје, одржаа изборно собрание на Македонското студентско друштво за периодот 2015-2017 година.

Мнозинството студенти членови на Македонското студентско друштво со јавно гласање, за претседател го избраа Дејан Нестор, студент на Медицинскиот факутлет во Скопје од областа Мала Преспа, Република Албанија.

Студентите побараа подобри услови за сместување во студентските домови од тврда градба, подобри услови за студирање, редовна комуникација со министерствата за надворешни работи и образование и наука и со универзитетските власти. Укажаа на потребата од почести средби и дружења, заеднички екскурзии низ Македонија и забави. Останаа приврзани на определбите за безрезервна поддршка и активности во македонските заедници и партии во земјите од каде што доаѓаат, заради унапредување на правата и положбата на Македонците, како и на врските со матичната земја Македонија.

Со собранието претседаваше Јани Пејковски досегашен претседател на Македонското студенско друштво како и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, додека на изборното собрание присуствуваше и делегација на Македонска алијанса за европска интеграција, предводена од Едмонд Темелко, претседател, Таќо Гроздани, потпреседател и Васил Стерјовски. генерален секретар на Македонска алијанса за европска интеграција. (Македониум)

Студентското друштво на Македонците од Албанија и Студентското друштво на Македонците од Бугарија формирани се со одлука на Светскиот Македонски Конгрес на 12 април 1995 година. На 23 март 2003 година, заради намалување на бројот на владините стипендисти, Студентското друштво на Македонците од Албанија и Студентското друштво на Македонците од Бугарија се обединија во едно и единствено Студентско друштво на Македонците од соседните земји на Република Македонија. Имајќи предвид дека Владата го прошири стипендирањето на Македонци по потекло, не само од соседните земји на Републиката, туку и од други држави каде што живеат Македонци, на изборното собрание одржано на 28 февруари 2010 година, Студентското друштво на Македонците од соседните земји на Република Македонија донесе одлука да се применува во Македонско студентско друштво. (Македониум)