МАЕИ: СОЧУСТВО ДО ФАМИЛИЈАТА НА ЦВЕТАН МАЗНИКУ

На 6-ти јануари во Тирана, на 77 годишна возраст, почина еден од најголемите борци за правата на македонското малцинство во Албанија Цветан Мазнику. Партијата "Македонска алијанса за европска интеграција" упатува најискрено сочуство до фамилијата на Мазнику.


"Смрта на Цветан Мазнику е голема загуба за неговото семејство, но и Македонската заедница во Албанија. Како еден од основачите на македонското друштво "МЕД" и како прв претседател на Македонската заедница во Албанија, даде голем придонес во борбата за остварување на правата на Македонците во Албанија и за зачувување на националниот идентитет", стои во писмото од МАЕИ.

Цветан Мазнику повеќе децении го собираше богатото народно творештво на Македонците од Голо Брдо и заедно со други Македонци од Голо Брдо, ги издаде шесте книги со "Голобрдски фолклор", кои се од огромно значење за заштитата на македонскиот идентитет, јазик и култура на Македонците во Албанија.

"Македонците во Албанија загубија еден од најголемите поборници за остварување на нивните права. Неговото творештво и долгогодишната работа за остварување на правата на Македонците во Албанија се патоказ за младите Македонци како се сака својата нација. Нека почива во мир ", се додава во писмото на партијата Македонска алијанса за европска интеграција". (Македниум)