Македонците во Горно Крчиште, општина Маќеларе, традиционално по шести пат организираа прослава на Христијанскиот празник Спасовден. Прославата се одржа кај црквата “Свeти Спас”, која е изградена во 1232 година и е споменик на културата, додека за времето на Енвер Хоџа беше претворена во магацин.
На 13 јуни 2009 година се изврши преосветување на црквата “Свети Спас”, која со помош на Македонците од Крчишта посебно на Лефтер Радевски и фамилија Дуковски црквата повторно се догради.
На прославата се одржа и богослужбата на македонски јазик каде присуствуваа Македонци од Ербеле и Крчишта и Македонци со потекло од овие села а кои се населени во различни градови во Албанија и во Македонија.
Инаку селата Крчишта и Ербеле се македоноски села кои се наоѓаат во Општина Маќеларе, Албанија, оддалечени 10 километри од Дебар. Со поделбата на Македонија во 1913 овие села припаѓаат на Кралството СХС а од 1925 заедно со областа Голо Брдо потпаѓаат под Албанија, а за возврат кралството СХС го добива манастирот „Свети Наум“. Денеска во овие села се останати неколку македонски фамилии додека останатите Македонци, како што самите кажуваат, под различни притисоци од Албанците се преселени во други места а нивните имоти се узурпирани. Овој притисок го чуствуваат и преостанатите македонски фамилии останати во овие села.
Иако овие Македонци се раселени низ Албанија сепак не го забораваат своето македонско потекло и одлично го зборуваат македонскиот јазик. (Македониум)