Карпест масив се срушил во близина на селото Крушево, предизвикувајќи целосно блокирање на националниот пат Драгаш–Шиштавец.

Како последица на одроните од земја и камења, двете сообраќајни ленти станаа непроодни, со што е оневозможено движењето на возила на овој патен правец од големо значење за регионот на Гора во Косово и Албанија.
Веднаш по настанот, Јавното претпријатие за одржување на патиштата на Косово излезе на терен со цел да ја одржи ситуацијата под контрола и да спречи можни ризици по животот на граѓаните. Надлежните поставија предупредувачка сигнализација и го забранија сообраќајот на возила во загрозената зона.
Во рамки на безбедносните мерки, косовската полиција упати апел до возачите да го избегнуваат овој патен правец и да користат алтернативни патишта сѐ до нормализирање на состојбата.
Патот Драгаш–Шиштавец ги поврзува селата Крушево и Рестелица, а воедно служи и како важна сообраќајница кон граничниот премин Крушево–Шиштавец, што ја прави прекинатата сообраќајна врска проблематична за жителите и патниците.
Надлежните служби продолжуваат со работата за расчистување на патот и за што побрзо воспоставување на сообраќајот.
©Македониум
