Сознанијата кои произлегоа од објавувањето и редактирањето на поезијата и прозата во делата на Крисанта Јанкула на македонски јазик

Излагање на Кристина Тодоровска и Људмил Спасов на Научната коференција “80 години образование на мајчин македонски јазик” организирана од страна на Македонското друштво „Сонце” од Корча, Универзитетот „Фан С. Ноли”, како и “Мрежата за промоција на јазичната различност” од Брисел.

Aпстракт: Предмет на анализа во оваа статија е лексиката која се среќава во трите книги на Крисанта Јанкула. Во делата се среќаваат зборови кои се автентични за сите девет села во регионот на Долна Преспа во кои живее македонско население. Крисанта го прикажува чувањето на мајчиниот јазик преку пишување на поезија и проза на западнопреспански говор. Во Долна Преспа живее македонско население кое го чува и негува мајчиниот македонски јазик. Преку запишувањето на песните, легендите, поговорките, приказните, Крисанта ги зачувува оригиналите материјали и сака сето ова да остане зачувано и да се пренесува од генерација на генерација.

Клучни зборови: Крисанта Јанкула, Долна Преспа, мајчин јазик, македонски јазик, албански јазик.

Македонскиот јазик спаѓа во групата на индоевропското семејство, односно во групата на словенските јазици. Припаѓа во семејството на јужнословенските јазици и се наоѓа во источната подгрупа, заедно со бугарскиот јазик.

Албанскиот јазик е дел од индоевропското семејство кое е многу големо и во него спаѓаат повеќе од 440 јазици поделени на многу групи и подгрупа. Во индоевропското семејство спаѓаат поголемите групи на јазици и тоа: албански, анадолски, ерменски, балтички, келтски, германски, грчки, индоирански, италски, палеобалкански, словенски и тохарски.

Македонскиот е службен јазик во Република Македонија, а воедно е и официјален признат во Пустец во Република Албанија каде што живее бројно македонско население. Македонскиот јазик се зборува и во Србија, Австралија, Бугарија, Грција, Канада, САД, Црна Гора, Турција и во дијаспората каде што живее македонско население. Најмногу се зборува во Мала Преспа, Голо Брдо, потоа во Гора на Косово, како и во Пиринска и Егејска Македонија.

Долна Преспа е област што се протега покрај југозападниот брег на Преспанското езеро. Оваа област се состои од десетина села што се организирани во општина Пустец. Општината Пустец ги опфаќа следните села: Горна Горица, Долна Горица, Глобочани, Леска, Зрновско, Туминец, Церје, Пустец, Туминец и Шулин. Сите овие села спаѓаат во групата на долнопреспанскиот говор.

Според класификацијата направевена од страна на Б. Видоески (Видоески : 278), преспанските говори сочинуваат дел од западното македонско наречје и се делат на четири подгрупи: горнопреспански (ресенски), долнопреспански *ǫ > /ă/-говор, долнопреспански *ǫ >/å/-говор, (или љубојнско-германски) и штрбовско-арватски говор.

Во Долна Преспа живее македонско население од православна христијанска вероисповед. Поради познатите опшествено-историски услови населението кое живеело во оваа област не било во можност да контактира со македонското население од територијата на Македонија или да воспоставува контакти со македонското население кои живее во соседните држави. Во овој дел населението чува архаични зборови што се типични за западнопреспанскиот говор.

Влијанието врз јазикот, секако имала и миграцијата, односно преселбата на населението за подобри услови за живот, но и одењето на населението на печалба во соседните или прекуокеанските земји. Но, секако не треба да заборавиме дека македонското население уште од мали нозе започнува да го учи албанскиот јазик како во предучилишното, така и во основното и средно образование, односно е во секојдневен контакт. Освен училиштето, влијание имаат и медиумите, телевизијата и радиото затоа што албанскиот јазик е единствено средство за комуникација. Паралелното изучување на албанскиот јазик доведува и до билингвизам кај населението кое паралено ги користи двата јазика.

Како што веќе спомнавме, предмет на анализа се трите објавени книги на Крисанта Јанкула и употребата на македонскиот јазик.

Крисанта својата прва книга ја објавила во 2009 година со наслов „Поезија и проза од мојот крај (Долна Преспа, Р. Албанија)“, (редакција и обработка проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Борче Арсов), издадена на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Втората книга е „Записи од мојот крај (Долна Преспа, Република Албанија)“, (јазична и стручна редакција од проф. д-р Гоце Цветановски), издадена при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, 2017 година. Додека третата книга го има следниов наслов „Преспа под Албанија, Божја убавина“, (редакција и обработка проф. д-р Људмил Спасов, ас. м-р Кристина Тодоровска), издадена при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, 2024.

Првото дело со наслов „Поезија и проза од мојот крај (Долна Преспа, Р. Албанија)“, е поделено на неколку делови и тоа започнува со песни посветени од нејзиниот роден крај и тоа со народните песни, а потоа следуваат свадбарските, велигденските и ѓурговденските песни. Во следниот блок се опфатени легендите и кажувањата, а потоа следуваат поговорките, пословиците и изреките. На самиот крај се благословите, клетвите и гатанките. Во ракописот се прикажани и топонимите, односно имињата на места, на девет преспански села на географска Македонија.

Во самиот ракопис, се среќаваат и авторски текстови што авторката ги именувала со наслов: „Поезија и проза од Крисанта Јанкула“.

Втората книга „Записи од мојот крај (Долна Преспа, Република Албанија)“, започнува со делот за приказни, што започнуваат од реалистичките, па продолжуваат со волшебните, потоа следуваат легендите и преданијата. Во следниот блок се опфатени песните кои се класифицирани и најприн започнуваат со љубовните песни, а во продолжение се предадени јуначките, хумористичните и на крај песните за деца, односно детските песни. Несомнено, треба да се истакне песната „Надежи“ напишана од самата авторка. На крај се наоѓаат народните поговорки, пословици и гатанки.

Во третиот труд „Преспа под Албанија, Божја убавина“, авторката Крисанта Јанкула ги претставува собраните изворни фолклорни материјали од Преспанско, односно од деветте села кои се наоѓаат на западната страна на Преспанското Езеро во Република Албанија. Во трудот може да се забележи несвесното мешањето на македонскиот и албанскиот јазик при секојдневната употреба. Книгата е поделена на неколку поглавја и тоа: топонимите што се употребуваат во регионот Преспа во Албанија, македонските топоними во Албанија, како и македонски зборови во албанскиот говор, албански зборови во македонскиот говор. Битна карактеристика е дека топонимите што се среќаваат во регионот на Преспа во Албанија се именуваат со истите имиња, но се пишуваат на латиница. Треба да истакнеме дека истото се однесува и за македонските топоними во Албанија.

Во сите објавени трудови може да се забележат зборови со архаични, дијалектни и разговорни форми, потоа елизија, односно испуштање на самогласки и согласки во зборовите, книгите содржат голем број на благослови, поговорки, гатанки, а е под влијание од други јазици и тоа: грчкиот, италијанскиот и турскиот. Паралелната секојдневна употреба на македонскиот, но секако и на албанскиот јазик, доведува и до несвесно мешање.

Сето ова погоре спомнато можеме да го разгледаме во следните примери и тоа:

Во ракописите се забележуваат голем број на архаични зборови:

• Да не дој опе тој ден. (стр.48, кн.1); (опе = пак, повторно)
• Му излезе ј’зико три пенди. (стр.63, кн.1); (пенди = педи)
• Нов ден, нова нафака. (стр.70, кн.1); (нафака = судбина, среќа)
• Сечко сечи, март са влечи. (стр.79, кн.1); (Сечко = јануари)
• Лошо да му оживее во буцељо! (стр.91, кн.1); (буцељо = стомакот, мевот)
• Пр’имнаф г’оре, п’огоре
н’ајдоф гр’утка сн’егова
ст’егнаф р’ǎка, ја-з’едоф
си-ја-кл’адоф, ф-п’азува. (стр.55, кн.2); (примнаф = се качив).

Од посочените примери можеме да забележиме дека во 1 лице еднина во минато определено свршено време (аорист) се користи наставката -ф (примнаф, најдоф, стегнаф, зедоф, кладоф итн.)

• П’опе, тр’еба да-ми-к’упиш ен-ќурк ноф, ‘ути н’емам шо-да-‘облеча за-‘утре. Ќе-‘ојме ф-ц’ǎрква да-са-прич’естиме а ми-тр’еба да-са-сл’еча со-ноф ќурк к’аку шо-ми-пр’илега. (ст.36, кн. 2); (ќурк =палто, бунда)

Во прво лице еднина во сегашно време не се употребува наставката -м (облеча, слеча).

• Са-‘осуна. (ст.42, кн.2); (осуна = се раздени)
• ‘От-ка: ќе-зав’ăршеше р’абота, го-затв’ораше во-‘ауро з’аено со-маг’арето. Ц’ела нош, в’оло и маг’арето си-са-лаф’осфеја. (стр.47, кн.2); (во-ауро = во шталата; си са лафосфеја = си зборуваа)

Дијалектни, разговорни форми:

• Та молам камену, подмрни са тручка да излеам и да го к’снам детето кош’ е седнато. (стр.24, кн.1); (тручка = троа, малку; кош е = каде што е; додека е)

• Бела погача, кноко печиво …. (стр.29, кн.1); (кноко = тенко)
• Та си урва долно поле,
Долно поле, угарјето …. (стр.30, кн.1); (угарјето = необработени полиња)
• − Еј, штукај, – му рече просото на пчејнцата – не ми го фатвај гумното ути јас ќе са вршам. (стр.35 , кн.1); (штукај = слушај)
• Мнолгу лафи, сиромаштија. (стр.62, кн.1); (мнолгу = многу)
• Уплак зедов. (стр.86, кн.1); (уплак = уплав)
• Чојак да мериса чојакојна. (стр.87, кн.1); (чојак = човек)
• Да го удри некоја рофја, да го рофјоса! (стр.91, кн.1); (рофја = ровја = гром)
• С’ите три ма-п’уле (гледа) в-‘очи, ко: с’инкир с’аке да-ма-‘изеде со-опул’о. Ми-ф’ǎрле и по-н’екој-лаф. (стр.27, кн.2); (с’инкир = божем, како да, лаф = збор)
• Т’ака ќе-са-п’опаре с’ите т’ија шо-му-п’адве на-ќ’едеро на-ж’ена-ми к’ога т’аја е-пр’ава! (стр.28, кн.2); (на-ќ’едеро = на достоинството, на честа, на угледот)
• К’ога а-в’иде т’олку л’ична, со-‘омја ко: п’огача, си-р-‘ече:
Ќе-му-ја-з’емам, с’иромаф-е ‘овој ч’ојак, н’ема шо-да-ми-пр’ае. (ст.34, кн.2); (омја = лице)
• Ојдоф кај дентисто. (стр. 29, кн. 3); (ојдоф = отидов)
• Ги пулам лајмето. (стр. 36, кн.3); (пулам = гледам)

Испуштање (елизија) на самогласки и согласки:

• ‘А пули, ‘а мери по сите стрни и му вели: „Е, мори ниво, јаска са сега твојо стопан!“ (стр.35, кн.1); (а = ја, јаска = јас, стрни = страни, твојо = твојот)
• Вл’егол во-ена-м’еана, с’енал н’а-маса и си-п’орача ј’адење. (стр.23, кн.2)
• Д’ојси шо-б’ило, ‘ути т’олку са-гл’аден и шо-б’ило, ‘убо: ќе-ми-дој. (стр.23, кн.2)

Забележуваме губење на интервокалното в, кое најпрвин се асимилира во оо, а потоа се контрахира во долго о: ‘убо: (< убоо < убао а (глата < глаата < главата).

• Колк'у-пǎти ти-'имам к'азано да-н'е-грејш т'уку да-ми-р'опаш н'а-врата? (стр.29, кн.2); (ропаш = тропаш)
Во дадениот пример може да забележиме испуштање на консонант: ропаш – тропаш.

• Си-бил ен-поп и ена-п'опадја. Поп'адјата б'ила мн'олгу м'ǎрзлива. Ич не-и-са-раб'оташе.
П'ојделник, не-с'а-преди.
Т'орник, не-с'а-ма:.
Ср'еда, не-с'а-плети.
Ч'еторток, не-с'а-ткае.
П'еток, са-г'отви, за с'ǎбота и н'едел'а.
С'ǎбота и н'едел'а не-са-работа. (стр.35, кн.2)

• – Е, си-р'ече п'опо, В'ел'увден т'ука е-п'оминат а јас 'уште …џ'епо полн со-граф. (стр.26, кн.2)

Во вториот труд „Записи од мојот крај (Долна Преспа, Република Албанија)“, некои приказни на самиот крајот завршуваат со поговорки:

• З’а-то: веле: „От-п’исано, не-с’а-бега“. (ст.25, кн.2)
• К’ој м’исли л’ошо на-др’ујсте, н’а-гла: му-са-в’ǎрнва! (стр.30, кн.2)
• Шо-е-п’ишано од -Б’ога, ќе-са-прае! (стр.35 кн.2)
• – Ј’аска, р’ече тој, кри’ву с’едам, пра’ву судам. (ст.40. кн.20)

Личната заменка јас се среќава во употреба како јаска и е во дијалектна форма.

• Не, не к’умчо в’олчко, волк н’ема в’ера! Ко-ш-си др’обел, т’ака с’ăркај! (ст.46, кн.2)
• Н’е-веле н’амер: Л’аком гăс, к’ăрваф нос. (стр.51, кн. 2); (намер = напразно, попусто)

Благослови:

• Бог нака ви поможи! (стр.43, кн.1)
• Ерлија работа! (стр.51, кн.1)
• Живот и здравје! Ќе пулиме, ќе праеме! (стр.51, кн.1)
• Поможи Бог! (стр.75, кн.1)
• -Д’обар ден стр’ико. ‘Ерлити р’абота! −му-в’ели на-‘орачот. (стр.37, кн.2); (‘Ерлити = аирлија, со среќа)
• – ‘Аир да-‘имаш с’инко. Спол’ајти! (стр.37, кн.2)

Се среќаваат деминутивни форми со наставката -че:

• Јас са мало учениче,
Книѓи носам во торбиче…. (стр.12, кн.1)
• Дедо дај ми колаче!
Ќе та удри по глафче! (стр.12, кн1.)
• Петле, петле, јариче
На грмада седеше…. (стр.15, кн.1)
• Молчи штипче под копанче,
Фати рипче за опафче…. (стр.16, кн.1)
• И ово детето си играло крз дома со ено другарче от малата. (стр.36, кн.1);

Предлогот крз (кăрз) се употребува со значење ‘низ’. Карактеристика за западнопреспанскиот говор е и губењето на одделни консонанти односно на гласот -д : ено < едно.

• Зеде ено кориче леб и му ја обриса крфта, а коричето леб си го седе во џепо. (стр.36, кн.1)
• До негват'а-жена, ен-'убаф, зг'оден мăш со-бр'адичка шо му-л'ичеше мнолгу н'а-него. (стр.24, кн.2)
• 'Откако са-поздр'авеја меѓ'у-себе, војн'ичето му-в'ели на-п'итачо:
Са-вр'атвам 'од-војник и мн'олгу са-гл'аден и 'умрен за- в'ода. (стр.29, кн.2)
• Ко 'ојде кăј м'иризо, офч'арчето го-'извај н'ожо, а-з'акла 'офцата, а-п'икна в'о-вреште и ја-п'уште п'о-вода. (стр.51, кн. 2)

Употреба на лексеми од албанскиот јазик:

Македонското население во општењето и комуникацијата употребува лексеми од албанскиот јазик. Билингвалноста односно познавањето на двата јазика, на Македонците им овозможува несвесно користење на лексеми од албанскиот јазик во македонскиот јазик. Овие лексеми говорителите ги имаат прилагодено во јазикот што вопшто не се разликуваат кога зборуваат. На пример:

Билбил девојка ранеше

Од малос, дур до големос….. (стр.21, кн.1)

• Арно ама, колку п’ти ќе го стретнел, ќе му речел: „ Ама побратиме, аку не ти ја деаф гуната тогаш ќул ќе са стореше. (стр.36, кн.1); (ќул = воден, мокар)
• ‘А зема шуматата со свирби. (стр.40, кн.1); (шуматата= кавгата, вревата; свирби = свирки)
• Водата спи, асмо не спи. (стр.44, кн.1); (асмо = непријател)
• Му влезе шеро. (стр.62. кн.1); (шеро = кавгата)
• Остај ма кош’ми ој умо врд’ала. (стр.72, кн.1); (врд’ала = врти)
• Пус е глобок тој. (стр.75, кн.1);(пус = бунар; глобок = длабок)
• Со каламани не са срка маштејнца. (стр.80, кн.1); (каламани = деца)
• Ќуљо е поблаг и од солта. (стр.85, кн.1); (ќуло = дарот, подарокот)
• − Сл’ези м’оре ч’упе ‘оттамо, н’е-седи т’амо. (стр.41, кн.2); (чупе = девојче)
• ‘Ама ч’упето му-в’ели: – Не, ј’аска не-са-с’ама т’уку со-бр’ат-ми. (стр.41, кн.2)
• С’ăмо шо са-в’ăрна м’омоко ‘од-дома, а-з’еде т’уфата офци и ‘ојде на-п’асење. (стр.50, кн.2); (туфа = стадо)
• ‘Ама тој с’игурно ‘има б’идено син или внук на-н’екој т’урски офиц’ер, кој му-го-с’обрал зл’атото на-‘овој нап’акосен н’арод, го-скрил кај-Л’иса и го-зап’исале то: во х’арта. (стр.53, кн.2); (х’арта = мапа)

Освен од албанскиот јазик, во ракописите се забележуваат примери и влијанија од други јазици и тоа од грчкиот, италијанскиот и турскиот.

1) Грцизми:

Непосредната близината на грчката граница, како и постојаните миграции на населението, раселувањето, барањето на подобри услови за живот и работа довело до учење и употреба на грчките зборови. Овие зборови со користењето навлегле и во македонскиот јазик. Тоа може да се види во следниве примери:

• Малама чојак е. (стр.60, кн.1); (малама = златен, благ, фун, убав)
• Поарно да ти излези окото отколку намо. (стр.74, кн.1); (намо = збор)
• Синор остана. (стр.79, кн.1); (синор = меѓа, граница)
• Ќе му ој душата во парадисо. (стр.85, кн.1); (парадисо = рајот)

Елизијата на вокалите е исто така честа појава (ој > оди).

• Фортуна, стихија е надвор. (стр.37, кн.1); (фортуна = невреме)
• Не седи бос на плаќите. (стр.50, кн.3); (плаќи = плочките)

2) Италијанизми:

Близината на италијанската граница, како и големата застапеност на телевизиските канали кои претежно се емитуваат на италијанскиот јазик, доведува до навлегување и користење на голем број на зборови во албанскиот јазик:
• Јас сум дакорд. (стр.44, кн.3); (дакорд = се согласува)
• Сум фармациска. (стр.57, кн.3); (farmaciste (фармацисте) = фармацевт)
• Тој е круетар на комуната (стр.58, кн.3); (komunë = комуната)

3) Турцизми:

Секако не треба да се заборават и зборовите од турско потекло. Долгото владеење на Турците на Балканскиот Полуостров придонело до зачувување и употреба на голем број на турцизми.

Тоа можеме да го видиме во следните примери:

• Бојана седи на пенџере
И дробни, водни мониста нижеше …. (стр.21, кн.1)
• Маро бегливо, десет промени,
Со ќеф везани …. ( стр.33, кн.1)
• -На, – му вели, изеди го, ути тука е к’смето твој! (стр.36, кн.1); (ксмето = среќа)
• Детето го изело и от тогаш му почна за ерлиси и станало богато. (стр.36, кн.1); (ерлиси = аирлија = со благослов, со среќа)
• ‘А има земено натена работата. (стр.40, кн.1); (натена = натенан = без брзање)
• Ако не бидиш гојдарче, не станваш туџарче. (стр.41, кн.1); (тунџарче = трговче)
• Аку не си дава сам чојак гајрет, треба да пукни. (стр.42, кн.1); (гајрет = храброст, сила, поддршка)
• Види на какво дереџе дојде? (стр.44, кн.1); (дереџе = состојба)
• Дузен чупа. (стр.49, кн.1); (дузен = средена, уредна, лична (архизам))
• Јаваш, нека излезе волците од село. (стр.54, кн.1); (јаваш = полека)
• -Ј’аваш, си-р’ече сам, ќе-п’отǎрнам м’алу, не-ќе-п’укнам? (стр.24, кн.2)
• Каку далдиса? (стр.55, кн.1); (далдиса = издржа)
• Ми ‘и плачи алојте. (стр. 60, кн.1); (алјоте = халови = несреќи)
• Му го удиса самаро! (стр.63, кн.1); (удиса = ујдиса = намести, стокми)
• Са строрија карлагана. (стр.78, кн.1); (карлагана = мешаница)
• Секој сам си зне к’ј му капи чатијата. (стр.78, кн.1); (чатијата = дрвена конструкција на покривот)
• Тој е ајљаз. (стр.83, кн.1); (ајљаз= дембел)
• -Го-ст’емна кǎј-ен-ан и т’аму з’астана да-пр’еспие. Си-пл’атил одаа н’асамо и ‘излегол во-кас’абата да-са-пр’ошета и да-си-в’ечера. (стр.23, кн.2)
• Од-Ѓ’орѓија н’емаше н’икакоф ‘абер. (ст.37, кн.2); (абер = вест)

• А н’е:стата Ст’ојна, го-ч’ека, го-ч’ека, ‘ама н’ема к’абает и д’енес са-м’ǎжи за-ен во-др’угото с’ело. (ст.37. кн.2); (кабает = вина, грев)
• С’ǎмо к’ога, спр’ема ‘адето, н’е:стата и з’олвата в’ǎрве со-ч’еши со-в’ино кǎј-м’асата а седн’атите св’атови н’а-маса тр’еба да-му-ф’ǎрле по-н’екоја ж’елезна п’ара. (ст.38, кн 2); (адето = обичај)

Кога два вокала ќе се најдат во непосреден допир, во некои случаи остануваат непроменети, а во некои случаи се врши асимилација. Преминувањето на ее > е го забележуваме во следниот пример (н’е:ста < нееста < невеста).

Заклучок

Собраниот материјал од страна на Крисанта е големо богатство и неговата вредност е од големо значење за дијалектологијата, лексикологијата и фразеологијата. Досега објавените три книги се посветени на Долна Преспа, односно се однесуваат за чувањето, негувањето на мајчиниот македонски јазик, со што се одликува автентичноста на овој западнопреспански говор. Таа во своите книги зборува за чувањето и негувањето на мајчиниот македонски јазик од страна на македонското население кое живее во Долна Преспа. Освен тоа можеме да заклучиме дека се работи за македонски јазик и дека македонското население, Македонците во овој дел на Р. Албанија ги чуваат македонскиот јазик и македонската култура.

Чувајте го и негувајте го мајчиниот јазик! Само така ќе придонесеме јазикот, културата, нацијата да опстои!

Литература:

Видоески, Б. 1998: Дијалектите на македонскиот јазик, том 1, Скопје: МАНУ: Фонд Трифун Костовски, Скопје.

Демирај, Ш. 1994: Балканска лингвистика. Скопје: Логос-А.

Јанкула, К. 2009: Поезијата и прозата од мојот крај, Долна Преспа, Р. Албанија, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Јанкула, К. 2017: Записи од мојот крај (Долна Преспа, Република Албанија) Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Јазикот наш денешен книга 28, Скопје.

Јанкула, К. 2024: Преспа под Албанија, Божја убавина, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Јазикот наш денешен книга 33, Скопје.

Лаброска, В. 2007: „Некои согледувања од теренското истражување во регионот на Корча, Република Албанија“,

Македонски јазик LVII, Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, 211–215.

Митревски, Е. 2009: Македонците во Албанија, Бата Прес, Скопје.

Пољоска, А. 2005: Прилог кон проучување на македонско-албанските јазични контакти, Менора, Скопје.

Пољоска, А. 2005: Лексичка интерференција на македонскиот и албанскиот дијалектен јазик, Менора, Скопје.

Соболев, Н. А. и Новик, А. 2018: Голо Брдо, Од материјалите на балканската експедиција на РАН и СПбДУ во 2008-2010 година.

Спасов, Љ. 2001: Говорот на Бобошн(шч)ица денес врз основа на снимен материјал, Зборник од XXVII Научна конференција, Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј”, 227–231.

Толковен речник на македонскиот јазик. Институт за македонски јазик, „Крсте Мисирков“, гл. ред. Кирил Конески, ред. Снежана Велковска, Кирил Конески, Живко Цветковски; том I, А – Ж, 2003, том II, З – К, 2005, том III, Л – О, 2006, том IV, И, 2008, том V, Р – С, 2011, том VI, Т – Ш, 2014.

Цветановски Гоце, 2010: Говорот на Македонците во Мала Преспа (западнопреспански говор), Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.

Demiraj, Sh.1985: Gramatikë historike e gjuhës shqipe, Tiranë.

Spasov, Lj. 2008: (коавтор со Jani Korhonen, Maxim Makartsev, Milica Petruševska) „Ethnic and linguistic minorities in the border region of Albania, Greece and Macedonia: An overview of legal and societal status“, во: Slavica Helsingiensia. In search of the Center and Periphery: Linguistic Attitudes, Minorities, and Landscapes in the Central Balkans, eds.Maxim Makartsev & Max Wahlström, Department of Modern Languages, University of Helsinki, Helsinki, 2016, с. 13-49.

М-р Кристина Тодоровска
Проф. д-р Људмил Спасов