Поезијата на Герта Бандили

Герта Бандили, чувствителен поетски глас и достојна претставничка на современата албанска поезија, е родена и ја извршува својата дејност во градот Корча. Со редок талент за претворање на чувствата во стихови, Герта успеала да создаде богата и интимна поетска светлина која го допира духот на читателот. Веќе четири години, таа ја извршува функцијата заменик-претседател на Клубот на писатели „Новиот свет“, придонесувајќи во поддршката и промоцијата на нови литературни гласови.

Нејзината поезија истражува теми како што се слободата, бунтот, љубовта и детските спомени, користејќи длабок и чувствителен јазик, кој ги опфаќа сите сетила и интимните доживувања на авторката. Поезијата на Герта Бандили е жива поезија, која ги рефлектира најдлабоките емоции на животот и потрагата по значењето на човечкото постоење.

Со неколку објавени книги и значајно присуство во бројни антологии, Герта Бандили продолжува да инспирира преку поетски јазик што ги надминува границите на обичните искуства, истражувајќи ги длабочините на човечкиот дух и внатрешниот универзум на поединецот.

Пеперутка

Постоењето на оваа бела пеперутка
Ми ја покажува мојата слобода, но
Цветот на кој таа стоеше
Беше премногу срамежлив
За да ги рашири своите ливчиња
Над горчливите таги
Кои ги носеше ноќната тишина.

Постоењето на оваа бела пеперутка
Ми покажува дека тишината не те штити,
Кога срцето се плаши
Од синевината на насмевките
Кои се лизгаат по моето лице.

На крај сè се испреплетува
Тишината, тагата, цвеќињата,
Листовите, жалоста и крилјата.
Да, да, крилјата додека врз нив
Играта на ветрот го руши дождот!

Не е недела

Се шетаме овој ден!
Не е недела, но ние шетаме
Нагоре-надолу низ градот
Со белиот слој на невиност
Облечени,
Виновни во нашето ритуално движење.
Острата свежина го мати лицето
И душата се зацрвенува.

Се шетаме овој ден!
Гласни звуци
Останати на улицата прашуваат:
– Кој поминува?
– Од каде доаѓаат?
– Каде одат?
– Се бакнаа ли?
Искинати весници со вести
На старите тротоари
Завиткуваат парчиња живот.

Се шетаме овој ден!
Звоната неми почиваат во мир

Калинки

Во градината се црвенеат калинките
А лисјата се нишаат над грбот на искривенoто
Животворно стебло.

Непоместливо е времето што се протега над ѕидот
Каде што се потпираат плодовите, а денот
Тече покрај непознатото
Со надеж за пресоздавање на светлината.
Длабоко копам во зеленилото на природата
И бубачките го бараат сокот на плодовите.
Желбам за светоста на пејзажот
Што трепери надвор од мене.
Круните на дрвјата ги тресат
Старите мисли.

Погрешни вкусови

Моите вкусови секогаш грешеле
Кога треба да изберам.
Секогаш имале малку влијание
Од инает,
Љубов,
Љубомора,
Разочарување,
Смрт.
Секогаш барав втора шанса
За да го изгорам првото,
Да ги воскреснам од пепелта
Стравот,
Допирите,
Тагата,
Расцутот,
Радоста,
За повторно да згрешам,
Кога треба да изберам
Според моите вкусови.

©Македониум