Во гимназијата „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиефски“ во Пустец се оддржа промоција на проектот „Создавање традиционални носии на македонското национално малцинство од областа на Преспа“, во организација на Македонското друштво „Сонце“, со поддршка на Комитетот за национални малцинства на Албанија.
Присутните беа воодушевени од изработените раскошни носии од Долна и Горна Преспа, како и од уникатните минијатурни верзии, изработени од познатата костимографка од Корча, Лирика Појани. Дополнително, беше промовирана и двојазичната брошура, подготвена од Васил Стерјовски, која нуди детален поглед во историјата на македонските преспански носии на македонски и албански јазик.
Стерјовски, кој е автор на двојазичната брошура, на македонски и албански јазик, за македонските народни носии од Преспа, меѓу другото рече дека со „гордост го претставуваат ова достигнување за нашиот, македонски идентитет“.
-Народните носии од Преспа се значаен дел од секојдневниот и празничниот живот на Македонците, од свадби и крштевки до големи верски и национални празници. Секој вез, секој мотив, секој детал од овие носии носи приказна, ја раскажува историјата на нашите предци и ја чува меморијата на генерации кои го живееле и го зачувале ова богато културно наследство за иднината. Со дистрибуција на брошурата за македонските народни носии од Преспа, со опис и фотографии, наша цел да ја едуцираме и информираме јавноста за историјата и културното значење на традиционалната македонска носија во областа Преспа, но и да служи како вредна ресурсна информација за учениците, истражувачите и заинтересираните за македонската култура, истакна Стерјовски.
На настанот присуствуваа и се обратија и градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, отец Алексо Темелко, од парохијата во Пустец, директорот на гимназијата во Пустец, Трајан Ванѓелофски, Марјана Костофски, член на Комитето на Малцинствата, како и Ефтим Митревски, уредник на весникот „Преспа“ кои искажаа благодарност, како што рекоа, за оваа активност чија цел е зачувување на еден важен сегмент од македонското културно наследство, истакнувајќи ја убавината на народната носија што ја придружува македонската заедница од генерација на генерација.
Како знак на благодарност, на неколку значајни институции во Пустец, меѓу кои Општината, гимназијата, црквата „Св. Архангел и Михаил“, здравствениот центар и етно музејот на Спасе Терпо, им беа доделени овие минијатурни уметнички дела кои ќе го пренесуваат духот на македонската традиција за идните генерации.
Промоција на македонските народни носии од Преспа, беше одржана и во Корча, на 7 септември.
©Македониум