МАЕИ: Како Македонци во Албанија, и ние го делиме гордото наследство на нашата мајка татковина

Честитка по повод Денот на независноста до сите Македонци каде и да се упати Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и од име на целата македонска заедница во Албанија.

Во неа стои дека „овој ден е симбол на долгогодишна борба на Македонците за самостојност, слобода и достоинство“.
Се додава дека на овој историски датум пред 33 години, Македонците храбро и достоинствено го заокружија својот стремеж кон независна држава, исполнета со слобода, суверенитет и иднина заснована на европски вредности и демократски принципи.

– Овој ден ни дава поттик и обврска да продолжиме да ја чуваме и градиме Република Македонија како силна, стабилна и просперитетна држава, дел од големото европско семејство.

Се посакува „да ја славиме нашата заедничка историја и да го чествуваме нашето единство, идентитет и култура, каде и да се наоѓаме во светот“.

-Како Македонци во Албанија, и ние го делиме гордото наследство на нашата мајка татковина, стоејќи цврсто зад принципите на мир, соработка и интеграција. Нека ни е честит и вековит Денот на независноста на Република Македонија, се нагласува во честитката на МАЕИ.

©Македониум