ЕТНИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ПУСТЕЦ – МАЛА ПРЕСПА, ГОЛО БРДО И НАСЕКАДЕ ВО АЛБАНИЈА, ГИ ПРЕДАДОА МАКЕДОНЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА, ПРЕКУ ПОЛИТИЧАРИТЕ ОД СИТЕ БОИ!!!!
Ако е така, а така е, тогаш, зошто се исчудуваме оти не ги заштитила алнбанската држава? Ако ние ги предадввме, тогаш, зошто Еди Рама би си ставал бугаерски трн во нога, да го боцка на патот до Брисел!?
Парадоксот е во тоа што ова прашање сега го поставуваат токму оние кои го носат најголемиот грев, токму оние кои од Македонците во Албанија, направија, ја цитирам Гордана Јанкулоска (истата онаа што ги транспортираше со автобуси до Скопје!) – “ГРЕВЧИЊА”!!!
“Гревчиња“, кои “се држат за рачињата, за да не се изгубат во “унакажаната!” метропола, и, во групи, одат на гласачките места, за да им бираат политички претставници на Македонците овде!!!
Да, политиката е постара и од “најстариот занает во светот”!
Затоа, сега, на Македонците во Пустец, се сетија токму оние што ги проституираа, безочно ги инструментализираа!
Преку својот пулен, “таткото!” во Пустец, човекот кој живееше ( и живее) во Македонија, тука ги образуваше своите деца, тука тераше бизниси, а “градоначалникуваше!” – во Албанина!!!
Истиот, што сега, актуелната власт го вади од нафталин, за да ги “спасува!” Македонците од другата страна на границата! Истите, оние, “грефчињата!” од скопските сокаци!
Да делува перверзно, ама, за општа жал, е до коска – РЕАЛНО! Како риалити шоу!!!
Затоа, не го викајте на консултации сегашниот амбасадор во Тирана. Повикајте го оној што беше пред него, а беше дел во обликувањето (понижувањето) на Македонците – “гревчиња!”.
Зашто? Од една многу едноставна причина. Ако самите овдешни Македонци, односно нивните политички претставници во Скопје, создале и терале мајтап со “кутрите гревчиња!” од Пустец, зошто тоа не би го правеле и политичките претставници во Софија!?
Да, делува смешно, шизофрено и надреално, во 21 век, да се прескокнува една земја (Македонија) и во наредната (несоседска) да се произведуваат Бугари, ама, зарем не беше смешно и трагично, кога овде се произведуваа гласачи од сиромаштијата по селата на Мала Преспа!?
Гревот, кој повеќе кој помалку, мегутоа, заеднички, го носат Јанкулоска, ама, подеднакво и другар ми Оливер Спасески.
Првата, да ја прашаме, како ги транспортираше “гревчињата!” во Скопје, а вториов- како го транспортираше обвинетиот градоначалник (“Таргет тврдина”) од притворот (домашен!) во Скопје, до алиби- докторите во Тирана и фотељата во општина Пустец, колку да потпише два-три документи, а со тоа да го изигра законот во Албанија, кој вели дека, после тримесечно одсуство, по сила на параграфите, му престанува мандатот!!!
Да не редам уште примери и одговори на прашањето: кој ги предаде (прелажа, изигра, инструментализира…) Македонците во Албанија, да не “пекаме по истуреното млеку”, туку, ајде да се концентрираме на другото прашање: како, сега, треба да им помогнеме, ако веќе не е доцна и не можеме да им помогнеме!?
Прво и основно: на начин, на кој претепаниот помлад брат, ќе му рече на постариот: “аман, бате, не брани ме повеќе”!
На Македонците во Албанија, во Грција, во Бугарија, ќе им помогнеме, на начин, што, повеќе нема да им помагаме (како власт), а со тоа НЕМА ДА ИМ ОДМАГАМЕ!
На ист начин, како што, со тоа – што не им помагаме, НЕ ИМ ОДМАГАМЕ на Македонците во Лерин и насекаде во Елада, а, тое не само што не се лутат за непомагањето, туку, токму тоа го бараат.
Сами си помагаат во Брисел и Старзбур, сами ја одбранија можноста да учат и пеат на македонски во Лерин, сами го победија првиот јавен обвинител во Елада.
Кој не ми верува, нека го праша Павлета Васкопулос од Лерин.
Кој не ми верува, нека го праша амбасадорот Ристо Никовски, кој е, со право, икона за Македонците во Пустец, затоа што од нив не правеше грефчиња, како што тоа го прават властите во Скопје и “Семакедонецот!” од Светскиот конгрес, кој, на прелагите на сиромаштијата, го проживеа лагодно и господски својот живот во Македонија.
Ристо Никовски, им помагаше со конкретни дела и постапки, таму на теренот, кај нив, дури, и не мораа да одат во амбасадата во Тирана.
Тој одеше во Пустец, заедно со мојата дребност, за да и направиме радио станица, се разбира, на македонски не бугарски јазик. Да им оспособиме кадар – по македонски, за подоцна токму “ спасителот!” од некогашен градоначалник да ги набркаа оспособените новинари од земјата, а техникаатa да ја разграби и распродаде!!!
Така не правеше Спасе Мазенкоски. Тој не твореше на бугарски јазик. Во весникот “Преспа” што Спасе го уредуваше, мојата маленкост го финасираше, додека Бранко Геро го издаваше, како подлисток на “Дневник”, немаше ни “Б” од бугарски.
Има ли надеж за Македонците во Пустец и Албанија?
Секако, таа последна умира. Не мора да се воскресне, може само да се потикне. Како? На начин што на младата генерација политички претставници во Албанија, на оние, кои, како Македонци, храбро влегоа во албанскиот парламент, нема да им правиме сопки, нема да им кажуваме кој ќе им ја води партијата, тие самите тоа најдобро си го знаат.
Ќе им дадеме доверба затоа што ја заслужуваат, а нема да ги вадиме од нафталин веќе искомпромитираните, оние, кои, за лични цели, дозволија во општина Пустец да се инсталираат бугарски агитатори. Да живееш во Ресен, да кукаш по македонштината, а да не го покрениш задникот, да појдеш до Пустец и да се попишеш како Македонец, е жално и срамно!!!
Сега Цацко ни е виновен! Во инкубаторите во Пустец и Голо Брдо, произведени се Бугари, двојно повеќе од Македонци од пописот во 2011 година!
Во лабораториите на албанскиот пописен Институт, бројот на Македонците е намален за три пати!!!
Дали да ги обвинуваме самите Македонци? Секако не, иако и мегу нив има кои во подрумите на бугарската амбасада во Тирана купувале “б,лгарски паспорти” од бес, а не од мака. Кај сувото, гори и сировото!
Сиромав човек – жив ѓавил!
Ако властите во Скопје, за “пет пари”, купуваа сиромашни души – како гласачи, зошто и властите во Софија не би купувале новосоздадени Бугари, и тоа не со свои, туку со парите на купените !!! ???
Веле Митаноски