На 25 мај 2024 година, македонската заедница во САД со потекло од областа на Мала Преспа, Албанија, се собра во Њу Џерси каде ја организира својата прва преспанска игранка, пренесува весник Македониум.
Настаниот се одвиваше со богат избор на автентична македонска музика, што им овозможи на присутните не само да уживаат во познатите македонски мелодии, туку и да споделат спомени и мисли за својот роден крај.
Оваа игранка на Македонците со потекло од Мала Преспа, доаѓа како дел од подолгата традиција на македонската заедници во дијаспора, која го следи примерот на Македонците од Мала Преспа кои живеат во Канада. Веќе десетина години, канадските Македонци со потекло од Мала Преспа, организираат слични настани кои служат како мост помеѓу минатото и сегашноста и ги зближуваат Македонците независно од нивната географска далечина. Тие исто така организираат и донаторски вечери на кои собраните средства ги донираат во родниот крај, како што беше случајот со собраните средства за изградба на камбанаријата на манастирот Света Марена, кај Туминец.
Според организаторите, игранката е настан кој го поттикнува чувството на припадност и гордост во македонската култура, а планираат да ја направат оваа традиција годишен настан.
Значителен број Македонци од Мала Преспа се преселиле во САД по 1991 година, многумина од нив преку американската лотарија, и оваа игранка служи како кулминација на нивните напори да ги одржат живи македонските обичаи и култура далеку од дома.
©Македониум