Промовирана првата група слушатели по македонски јазик во Тирана

Во просториите на Факултетот за странски јазици при Универзитетот Тирана на пригодна свеченост беа доделени сертификати на првата група најуспешни студенти кои го завршија првиот циклус по македонски јазик, информираат од македонската амбасада во Тирана.

На настанот со пригоден говор се обрати лекторот др. Славица Свидерска, а за значењето на лекторатот говореа амбасадорот Данчо Марковски и деканката на Факултетот Есмералда Кромида.

Пред присутните гости меѓу кои беа продеканката Дрита Рира и други професори студентите читаа македонска поезија, по што беа доделени сертификатите.

Отворањето на лекторатот по македонски јазик на Универзитетот во Тирана е од особено значење во промовирањето на македонскиот јазик и култура во Албанија.

Ова е особено важно и за припадниците на Македонското национално малцинство и нивниот самопрегор во зачувувањето на нивната етничка, јазична и културна посебност.

По заокружувањето на процесот за отворање на лекторатот во Тирана, согласно одредбите во Програмата за работа на Амбасадата, во следниот период ќе продолжат заедничките активности и соработка со македонското друштво „Сонце“ и единствената македонска партија „Македонска алијанса за европска интеграција“ (МАЕИ) за започнување на курсевите по македонски јазик и на Филолошкиот факултет при Универзитетот Фан С. Ноли во Корча, за што е веќе обезбеден проект/програма.


©Македониум