Претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција МАЕИ, Васил Стерјовски во својот говор на откривањето на спомен-биста на великанот на македонското револуционарно движење Гоце Делчев во центарот на Пустец истакна дека Гоце Делчев не само што се бореше за слободата на Македонија, туку и зазема неизбришливо место во нашите срца и колективната меморија како македонски национален херој.
Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, денес, во Пустец, одбележуваме еден значаен настан кој ја допира длабочината на нашата национална историја и колективна меморија. Со огромна чест и гордост сме собрани тука за да го прославиме 121-годишното сеќавање на убиството на нашиот голем македонски револуционер, Гоце Делчев, поставувајќи биста во негова чест на истоимениот плоштад во центарот на општината.
Овој чин не е само формален акт на почит кон еден од најважните личности во нашата историја, туку и потврда дека духот на Гоце Делчев сè уште живее меѓу нас. Неговата борба за македонска слобода и самостојност се вечен извор на инспирација за сите нас.
Гоце Делчев, роден на 4 февруари 1872 година и херој на слободата на 4 мај 1903 година, е познат како една од најзначајните личности во историјата на Македонија. Како член на Македонската револуционерна организација и водач на Македонското револуционерно националноослободително движење, неговата активност остави длабоко влијание врз македонската историја, култура и национална свест. Неговата посветеност и пожртвуваност за слободата на Македонија го направија траен симбол на храброста и посветеноста на идеалите.
Тој не само што се бореше за слободата на Македонија, туку и зазема неизбришливо место во нашите срца и колективната меморија како македонски национален херој.
Искрено се заблагодаруваме на општина Пустец, советот и градоначалникот Пали Колефски, коишто ја прифатија иницијативата на Македонска алијанса за европска интеграција и ни дадоа полна поддршка во реализацијата на овој проект.
Не можеме да не изразиме благодарност и кон авторот на ова дело, уметникот Зоран Тошевски, чија талентирана рака го врати Гоце Делчев помеѓу нас преку оваа биста, како и кон Светскиот Македонски Конгрес за нивната неуморна поддршка.
Гоце Делчев со својот живот и дело стана апостол за Македонците и неговиот спомен се пренесува од колено на колено не само кај Македонците од Албанија, туку и секаде во светот каде што живеат.
Во подготовките за општомакедонско востание за ослободување од долговековното османлиско ропство активно биле вклучени и Македонските села кој денеска се наоѓаат во Албанија.
Од многуте песни кои се пеат меѓу Македонците во Албанија за ослободувањето на Македонија, а кои потекнуваат од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век има и песни за Гоце Делчев што се пеат во Мала Преспа.
Антифашистичката војна било широко прифатена од Македонците во Албанија кои активно се вклучиле во Национално-ослободителното движење во составот на македонските и албанските партизански единици. Македонците во Втората Светска Војна го слават Гоце Делчев како национален херој. Се формираат партизански одреди со имиња на македонски револуционери. Во делот на Мала Преспа дејствуваат партизанскиот одред “Дамјан Груев”, “Гоце Делчев”, Седмата ударна бригада и други. Борци од македонските села во Албанија учествуваат во ослободувањето на Македонија и Албанија од наци-фашизмот.
И за време на комунистичкиот режим во Албанија, Македонците од Албанија го слават Гоце Делчев. Заслуга за чувањето на споменот за Гоце Делчев меѓу Македонците од Албанија има и големиот писател од македонско потекло Стерјо Спасе, кој во своите романи издадени во Албанија ја опишува соработката на македонските и албанските револуционери за ослободување од турското ропство и улогата на Гоце Делчев.
Во 1988 година, на иницијатива на Васил Папа од село Туминец, областа на Преспа, рибарскиот брод за риболовното претпријатие во Преспа го добил името „Гоце Делчев“.
По распадот на комунистичкиот систем на Енвер Хоџа и појавата на демократските процеси, Македонците од Албанија се организираат во културни, општествени и политички организаци и името на Гоце Делчев станува симбол на борбата за човекови права на Македонците од Албанија.
Неговата слика е присутна во македонските домови, во училиштата, кафаните, на разни манифестации и друго.
Песни за Гоце Делчев се пеат на разни веселби, свадби, прослави итн. Учениците во училиштата рецитираат стихотворби за Гоце Делчев.
На ѕидовите во гимназијата во Пустец се поставени паноа со македонски дејци, меѓу кои и Гоце Делчев и испишана е неговата епохална изјава за неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар меѓу народите, прикачени се творби на македонски јазик за Гоце Делчев од ученици.
Името Гоце и Александар се најпопуларни имиња меѓу Македонците во Преспа.
Во 2008 година Советот на општина Пустец едногласно донесе одлука со кој плоштадот во Пустец го доби името “Гоце Делчев”.
Со поставувањето на бистата на Гоце Делчев, ја остваруваме дамнешната желба на многу Македонци во Општина Пустец, потврдувајќи дека вредностите за кои тој се борел остануваат живи и водилка во сите наши дела.
Нека оваа биста биде симбол на нашата непоколебливост и верба во принципите на правда и слобода. Поставувањето на оваа биста ќе придонесе за зачувување на македонското културно наследство и идентитет во областа Преспа.
Во овие тешки времиња, повеќе од било кога, ни е потребно единство и решителност. Нека примерот на Гоце Делчев биде наш водич и инспирација. Ние, како Македонска алијанса за европска интеграција, ќе продолжиме да се бориме за правата и идентитетот на македонскиот народ во Албанија.
Заедно, сигурен сум дека можеме да го надминеме секој предизвик и да ја зајакнеме македонската нација во духот на Гоце Делчев.
Да живее споменот на Гоце Делчев!