Лидерот на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, во Корча оствари средба со Октавијан Шербан, амбасадор на Романија во Албанија, на која го запознал со положбата и проблемите на Македонците.
– Со амбасадорот Шербан, кој е одличен познавач на меѓународните конвенции за правата на малцинствата разговаравме за повеќе теми кои се однесуваат на правата на малцинствата во Албанија. Меѓу нашите клучни дискусии беше пописот на населението кој се спроведе во октомври 2023 година во Албанија. Споделив загриженост во врска со притисоците со кои се соочи македонската заедница во овој период, под влијание на надворешни сили и надополнети со молкот на албанските институции, информираше Стерјовски.
Разговарале и за законот “За заштита на правата на малцинствата во Република Албанија” од 2017 година, кој, според Стерјовски, останува неимплементиран поради неносењето на потребните подзаконски акти од страна на Владата.
– Значаен дел од нашиот разговор беше фокусиран и на тековните напори на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) заедно со другите малцински партии. Се залагаме за гарантирани квоти во албанскиот парламент како дел од изборната реформа, обезбедувајќи соодветна застапеност, додава тој.
Амбасадорот Шербан му честитал за успехот на македонското политичко движење во Албанија и членството на МАЕИ во Европската слободна алијанса (ЕФА), партија која што ги претставува малцинствата во Европскиот парламент.
Според Стерјовски амбасадорот Шербан споделил искуства за позитивниот пристап на Романија кон правата на малцинствата, истакнувајќи дека секое малцинство, без разлика на големината, има застапеност во романскиот Парламент.
Тој го навел примерот на албанското малцинство во Романија, кое и покрај тоа што официјално на попис се регистрирани 550 лица припадници на оваа етничка заедница, ужива загарантирана парламентарна застапеност и значителна владина поддршка за зачувување на нивните традиции, култура и јазик, која за 2023 година била во висина од 500 илјади евра.
-Нашиот средба заврши со заедничка констатација: малцинствата се богатство за секоја земја, што заслужуваат почит и застапеност во институциите на системот, посочи Стерјовски.
©Македониум