Агонијата на Преспанско Езеро продолжува и натаму, а нивото на езерото уште повеќе се намалува. Во изминативе 60 години, Преспанското Езеро изгубило околу 40 проценти од волуменот на водата. Доколку продолжи губењето на водата со ова темпо (кое поради глобалното затоплување и испумпувањето може само да се забрза), за околу 60-80 години најголем дел од езерското дно ќе остане на суво и ќе ја доживее судбината на Аралското Езеро во Централна Азија.
Ова се црните прогнози на професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски кој вели дека Преспанското езеро вози точно според „возниот ред“, поточно со темпо на намалување на водостојот од 19 сантиметри годишно.
– Преспанско Езеро го достигна минимумот на 2.11.2023 година, за 21 сантиметар водостојот е понизок од есенскиот минимум во 2022 година. Надолниот трендот е стабилно воспоставен, со темпо на намалување од 19 см/год. Прогнозата за следниот минимум во ноември 2024 година е на кота -610 сантиметри, додека максимумот во мај/јуни нема да биде повисок од -550 сантиметри, што е на ниво на есенскиот минимум од 2021 година – нагласува професорот Трајковски.
Колку е тоа изгубена вода може да се илустрира со следниот факт. Доколку водостојот на Преспанското Езеро се намали за 96 сантиметри, тоа изразено во кубни метри значи како да се изгубени некаде околу две дојрански езера.
Според студијата на Градежен факултет Скопје изработена за Министерството за животна средина и просторно планирање, проблемот не се состои само во црпењето на водата за наводнување, туку влијае и неповолната комбинација со уште неколку фактори, меѓу кои најзначајно е намалувањето на врнежите и прекинувањето на врската помеѓу Малото Преспанско Езеро и Големото Преспанско Езеро од страна на Грција.
– Засега не се забележуваат знаци за забавување на трендот, па доколку продолжи намалувањето со средно темпо од еден метар на секои 5 години, за 50-60 години од езерото би останале само 5 јами со вода: близу Нивици во Грција, кај жртот Коњско, во близина на Стење, потонатината помеѓу Претор и Асамати и југоисточниот ров кон Долно Дупени.
Најголемиот дел од езерото може да исчезне, слично како Аралско Езеро, бидејќи дното е рамно како тепсија и моменталната на длабочина од само 10-11 метри. Дури и тие преостанати јами би имале длабочина од само 10 метри, со исклучок на јамата на влезот од Нивичкиот Залив, којашто би имала длабочина од околу 30 метри – прогнозира Трајковски.
На нискиот водостој на езерото му кумуваат и климатските промени. Оваа зима е сушна, но слично е и изминативе години.
На околните планини околу езерото, Баба и Галичица има послаби врнежи од снег, а оттаму се главните водотеци кои го полнат езерото. На нивото влијае и понирањето на водата од Преспанското во Охридското Езеро поради варовничкиот релјеф и различната надморска висина. Преспанското Езеро е на 853 метри надморска висина, Охридското на 695 метри.
А како тоа се одразува врз рибниот фонд? Од концесионерот на Преспанско Езеро велат дека со губењето на милиони кубици вода, се намалува количеството на кислород во водата и тоа се одразува врз рибите кои се однесуваат поинаку.
Надлежните очекуваат во заедничките мерки и активности за заштита на Преспанското Езеро од повлекување на езерските води да се вклучат и со свои анализи и видувања да понудат пограничните општини од соседна Грција и Албанија, а сè со цел да се стабилизира водостојот на Преспанско Езеро. Затоа што, несомнено роковите за спас на Преспанско Езеро истекуваат, па затоа сега е време за сериозна акција од сите три држави конечно да се стави крај на агонијата на едно од најстарите езера на светот.
Преспанското Езеро е во категоријата на најстарите сочувани тектонски езера на светот. Неговата старост се проценува на повеќе од пет милиони години. Езерото има должина од 28,6 и широчина од 16,9 километри, а во минатото најголемата длабочина на Преспанското Езеро изнесувала околу 54 метри (при нормална кота 847,60 метри) и се наоѓа во месноста Глубина.
Преспанското езеро се намалува со 19 сантиметри годишно, за 60-80 години може да пресуши