Македонската амбасада во Тирана: Делата и активностите што ги практикуваше Фоте Никола говорат за благородна мисија што ја практикуваше

Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, во свое и име на амбасадата изрази длабоко и искрено сочувство до семејството на големиот борец за правата на Македонците, Фоте Никола, кој синоќа почина на 78-годишна возраст.

– Со длабоката тага ја примив веста дека мојот драг пријател Фоте Никола не е веќе меѓу нас. Во овие тешки моменти на длабока тага изразувам искрено сочувство во мое и во име на Амбасадата до неговото семејство.

Почитуван Никола, делата и активностите за зачувувањето на етничката, јазичната и културната посебност на Македонците во Албанија, што ги остави зад себе говорат за твојата благородна мисија што во целиот твој живот ја практикуваше, стои во објавата на амбасадата.

Преку твоето творештво, стои понатаму, низ учебниците и литературните дела, успеа да ја пренесеш твојата визија кај младите генерации да го сочуваат своето битисување како најсвето нешто што со столетија го носат со себе.

-Драг пријателе, благодарен сум што имав чест да те познавам и да соработувам со тебе. Твојата мудрост, смиреност во комуникацијата и идеите за подобра иднина на нашите Македонци ќе остане силно врежана во моите сеќавања. Затоа патувај мој пријателе, остави дела кои ќе говорат за тебе, се наведува во телеграмата со сочувство на амбасадорот Марковски.

©Македониум