Треперам, првпат го допирам по 68 години, дрвото сè уште е нежно
Додека го допираше, рацете му трепереа. Го погали онака како што се гали родено дете, нежно, полно со љубов. Раката му одеше по избразденото оревово дрво кое и ден денешен ја чува убавината на резбата која тогаш му ја подариле неговиот татко Нестор и тој, како 12-годишно дете кое од него почнало да го учи копаничарскиот занает. Го помилува ликот на Гоце Делчев, грбот на Македонија, знамето на ВМРО, лисјата, цветовите…всадени во ѕидовите на дрвениот саркофаг во кој посмртните останки на најголемиот македонски син во 1946 година стасале во ослободена Македонија, а што беше и желбата на Гоце. Во очите се гледаа и солзите.
– Треперам, ова е првпат да го допирам по цели 68 години. Дрвото е уште така нежно како и тогаш. Го имам истото чувство како и тогаш кога го допирав откако татко ми го заврши. На него работеше деноноќно, само за да направи нешто што ќе биде достојно на Гоце.
Никогаш досега не сум имал можност да бидам толку блиску, да можам да го погалам . Доаѓам во црквата „Свети Спас“ кога можам и досега многупати сум бил тука. Но, на саркофагот никогаш досега не сум успеал да му се приближам толку. Немам зборови да ви го опишам преубавото чувство – ни кажуваше 80-годишниот Миле Алексиевски, сеќавајќи се на деновите кога со својот татко Нестор Алексиев -Мирчевски го правеле дрвениот саркофаг за посмртните останки на Гоце Делчев.
До овој момент, на допирот на сведокот и учесникот во создавањето на овој значаен артефакт дојде по иницијатива и идеја на „Дневник“. Желбата ни беше овој потомок на познатата мијачка копаничарска фамилија на Мирчевци да го споиме со дрвениот саркофаг, кој сега внимателно се чува во комплексот на црквата „Свети Спас“, во просториите на Конзерваторски центар-Скопје, во спомен-просторијата посветена на македонскиот херој. Сакавме да ги разбудиме спомените на тој важен момент од македонската историја и да прикажеме дека прославените македонски копаничари раскошот и убавината на својата уметничката дарба ги потврдиле и тогаш кога требало на тој начин да му се одолжат на херојот што го дал својот живот за слободна македонска држава. Миле Алексиевски е достоен потомок на својот татко кој во својот живот, исто така, покрај другото, му се посветил и на копаничарството, исто како и неговиот брат Борис Несторовски.
Сè беше завршено за 21 ден
Додека го гледа саркофагот во кој во 1946 година од Македонскиот дом во Софија, Бугарија, на пат кон Македонија тргнаа коските на Делчев, на дедо Миле му навираат сеќавањата на тие денови. Тој тогаш имал само 12 години, но доволно да запамети многу детали од она што се случувало.
– Не знам точно како се викаше, но мислам дека тоа беше Нико Този, кој во тој период беше одговорен за областа на културата. Дојде еден ден кај татко ми и му рече: „Мајстор Несторе, како знаеш итно да се направи саркофаг за Гоце. На тебе оставаме ти да избереш каков ќе биде цртежот – се сеќава дедо Миле.
На искусниот мајстор, кој тогаш имал 54 години и огромен број прекрасни копаничарски дела, не му требало многу да направи достојно дело. Цртежите за тоа како да изгледа саркофагот ги направил за само два дена.
– Не се послужи со ниту еден претходен цртеж или мотив од други дела. Од глава ги правеше скиците и ги црташе на хартија. Се сеќавам, не користеше воопшто гума за бришење молив. Ако нешто требаше да коригира на цртежот, го бришеше со леб. Kога цртежите беа готови, почнавме да работиме на оревовото дрво – наведува дедо Миле.
Во таа година мајстор Нестор имаше свое семејно резбарско и столарско ателје заедно со семејната куќа на просторот во кој сега се наоѓа првиот блок од Градскиот ѕид во Скопје, зградата на „Агромеханика“, спроти Владата и „Македонска пошта“. Искусниот татко Нестор, кој, пак, беше потомок на копаничарот Алексо Мирчев, кој, пак, потекнува од дебарското село Осој, уште рано го забележал талентот на својот син Миле.
– Имав само десет години кога ми даде да се обидам да направам нешто во дрво и наскоро ми рече: „Имаш фат, продолжи и внимавај“. И јас продолжив да му помагам колку што можев како дете. Kога тој почна да работи на саркофагот, веќе имав дванаесет години. Се сеќавам земавме оревово дрво кое го имавме во работилницата и почнавме. За да почнете да копаничарите оревовото дрво треба да биде суво како барут. А се суши долго време. За една година се суши еден сантиметар во длабочина. Татко ми дозволи да работам на некои делови. Јас ги правев погрубите делови – дупчењето, чистење на негативните полиња, грундирање… работи кои им се познати на копаничарите. Беше задоволен од мене, а тој потоа ги правеше фините работи во резбата што настануваше во тие денови – се сеќава Миле Несторовски.
Kовчегот бил со димензии од 0,6 x 0,6 x 0,75 метри и лежи на четири лавовски шепи. На секоја од четирите страни има по некој централен мотив. Главен е, секако, ликот на Гоце Делчев опкружен со лаворовиот венец, симбол на победата.
– Татко ми најмногу беше сконцентриран токму на ликот на Гоце. Се плашеше дали ќе успее да го долови во оревовото дрво. Kога на крајот го издлаби, задоволно рече дека с` понатаму ќе оди полесно. Работеше дење-ноќе, не запираше. Јас одев на училиште и по враќањето му помагав колку што можев – вели Миле.
На бочните страни од саркофагот, во средината, претставени се тогашните грбови на Македонија и на Југославија, а на задната страна врежана е симболична порака на македонското знаме „Смрт или слобода – од Револуционерниот комитет“. Kога резбата била завршена во саркофагот била вградена и лимена кутија набавена од еден лимар од Старата чаршија.
– С` беше готово за 21 ден бидејќи рокот беше многу кус. На крајот, го премачка со мешавина од шерлак и шпирт за да го заштити од инсекти кои може да почнат да го јадат дрвото. Испадна убаво и јас сега се гордеам со ова оти знам дека е неодминлив дел од македонската историја – наведува дедо Миле.
Саркофагот ќе биде еден од најважните артефакти и во новата поставка на спомен-собата на Гоце Делчев која сега се преуредува во комплексот на црквата „Свети Спас“.
Луѓето на колена оддаваа почит
Познато е дека до враќањето на коските на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија дојде како резултат на договорот кој набрзо по крајот на војната го постигнале тогашните југословенски и бугарски лидери Јосип Броз Тито и Георги Димитров. Kога паднал договорот, од Скопје кон Софија се упатила македонска делегација која подоцна ги презела посмртните останки на Делчев. Тие по сите премрежиња и преместувања по неговото загинување и првично погребување во село Баница во Егејска Македонија, до 1946 година се чуваа во Софија. По преземањето на останките македонската делегација пеш тргнала кон Скопје поминувајќи ги селата и градовите прво во Пиринска Македонија, а потоа навлегла и во нашата земја. Пренесувањето на моштите траеше три дена – 7, 8 и 9 октомври и тоа беше проследено со илајдници луѓе што дошле да му оддадат почит кон македонскиот херој. На крајот, погребувањето во кругот на старата скопска црква се извршило на 10 октомври.
Скопјанецот Панде Ефтимов минатата година раскажа за „Дневник“ дека луѓето клечејќи на колена му изразувале љубов и почит кон Гоце. Се проценува дека околу 500.000 луѓе го испратиле кон Скопје.
– Од Софија до Скопје – сите на колена кај што врви колоната со ковчегот со коските на Делчев. Орачите ги оставаат плуговите, жените ги носат лулките, нема кому да ги остават. Тоа беше невидена слика. Тогаш поделената Македонија, во тој момент беше обединета. Јас бев дете, но се сеќавам дека беше врнежливо и студено, 10 октомври 1946 во Скопје, раскажува Ефтимов.
Тој рече дека коските во сандакот биле обвиткани со црвена свила, како симбол на илинденското знаме.
– Сандачето во кое биле донесени коските во Скопје, не било истото во кое биле чувани дотогаш во македонскиот дом во Софија. На старото сандаче биле изрезбани кама и револвер, како и аманетот: „Се заколнуваат идните генерации светите мошти да бидат погребани во престолнината на независна Македонија“- ни изјави Панде Ефтимов.
Во тогашната изјава за „Дневник“ тој рече дека смета оти половина од коските на Делчев с` уште се во Баница. За такво тврдење тој се повикува на раскажувањата на Гоцевите потомци од неговите сестри. Тие раскажале дека кога коските биле изложени во Софија во црквата „Света Недела“ во август 1923 година, семејството се уверило дека внатре во сандачето се само рацете, нозете и главата, а трупот го нема. Според оваа верзија, коските од трупот на војводата засекогаш останаа во Баница. Откако во 1906 година неговиот другар, војводата Михаил Чаков, заедно со Таската Серски го откопале гробот и ги зеле главата, рацете и нозете на Гоце Делчев, трупот го оставиле оти и по три години уште не бил распаднат. Потоа, никој никогаш не го зел остатокот од коските.
– Никаде, ама баш никаде нема доказ или сведоштво дека работата била завршена – наведува Ефтимов.
Длабока трага на копаничарот Нестор Алексев од родот Мирчевци
Авторот на саркофагот Нестор Алексиев Мирчевски (1873 – 1969) во својот осумдесетгодишен работен век зад себе оставил голем број дела направени во мермер и во дрво. Тој е потомок на фамилијата Мирчевци, која е меѓу најзначајните мијачки резбарски тајфи, заедно со Рензовци, Филиповци, Фрчковци, Станишевци и други. Нестор работел во повеќе европски земји оставајќи неизбришлива трага како копаничар и автор на многу иконостаси во црквите. Меѓу позначајните секако се оние во црквите во битолските села Магарево и Трново, во крушевската црква „Свети Јован“, во софиската црква „Свети Никола“, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Пазарџик, во „Раѓање на Света Богородица“ во Топола, Србија, кралскиот престол во црквата „Света Богородица“ во Скопје и престолот во битолската црква „Свети Димитрија, за црквата „Свети Ѓорѓи“ во Белград и „Свето Тројство“ во Бања Лука, во манастирот Жича, црквата „Свети Kирил и Методиј“ во Љубљана, Словенија…, како и многубројни други резби – икони, рамки, фигури, мебел…
Заштитата на дрвото се уште трае
Стручњаците од Kонзерваторскиот центар – Скопје ни рекоа дека оревовото дрво од кое е направен саркофагот е во исклучително добра состојба. Освен што се појавија помали дупки што ги направија инсекти кои се најголем непријател на оревовината, други промени немало. Досега саркофагот е само еднаш заштитен со хемиски средства против инсекти, а за друг вид заштита немало потреба во изминативе седум децении.
– Забележувам дека има само една мала пукнатина и дека малку е сменета бојата. Тогаш беше посветла, а сега е потемна, бронзена. Тоа е нормално и добро за дрвото. Се радувам што се уверив дека заштитата што ја стави татко ми, со шерлак и шпирт, беше добра. Тоа е традиционален рецепт што го применуваат копаничарите за своите дела – ни рече дедо Миле.
Kако е спасен иконостасот од „Свети Спас“
Во дворот на црквата „Свети Спас“ дедо Миле одново се потсети на настанот од 1944 година кога Македонија за малку ќе го загубела еден од најубавите иконостаси што се наоѓа во оваа црква, направен од тајфата на Петре Филиповски – Гарката.
– Тогаш имаше бомбардирања од сојузниците врз Скопје, а нашето семејство, како и другите, се криеше во скривниците на Kале. Тогаш имав десет години и се расчу дека Бугарите планираат да им го дадат иконостасот на Германците како подарок. тој веќе беше спакуван и стоеше пред црквата кога дојдовме со татко ми и тој веднаш им се обрати на германски јазик, кој го зборуваше добро покрај другите шест јазици. Ги праша: „Зошто сте дојдени и што сакате од нас. Иконостасот кој вие сакате да го земете го направиле моите предци. Вам, како на една голема сила и културна земја, не ви приличи да го земете. Ова е бесценето, работено е дванаесет години, а вие сакате да ни го земете“. Германците беа изненадени од обраќањето на татко ми кој уште им кажал дека во 1938 година добил награда за својата резба на Светската изложба во Берлин и бил примен од градоначалникот. Потоа, иконостасот беше вратен и засолнет во Народна банка. По војната, татко ми го монтираше повторно, а јас и таму му помагав колку што можев – ни раскажа тој.
Дилеми за крстот
Чичко Миле наведува дека татко му при изработката имал една голема дилема:
– Проблемот бил во тоа што во вакви случаи, во неговата работа со вакви саркофази, било задолжително да се направи крст. Но, дилемата му била дали во тогашните состојби и ставовите на партијата која била на власт, смее да изработи крст на саркофагот.
Проблемот еднаш им го кажал на луѓето околу него и тие го поддржале. Така решил и на рачката од капакот изрезбарил стилизиран крст украсен со лисја. Kога дошол тогашниот министер Димче Мире татко ми му кажал дека направил крст на саркофагот. Димче без проблем го прифатил тоа.
Бранко Ѓорѓевски