Македонците од Албанија го прославија празникот Св. Атанасиј Велики

Македонците во Општина Пустец, Мала Преспа, го одбележаа празникот Св.Атанасиј Велики. Во црквата, која се наоѓа во село Пустец, на брегот на Преспанското езеро, утринската свечена богослужба отслужија свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири.

На голем број семејства во Мала Преспа овој ден им е домашна слава.

Атанасовден локално познат како Танасовден претставува празник посветен на големиот христијански светител Св.Атанасиј Велики. Празникот народот го смета за средзимо и се верува дека главните студови веќе се поминати. Во народното верување тој е победник над силните студови и мразеви.

Македонскиот народ два пати го празнува споменот на свети Атанасиј Велики. На 31 јануари се празнува празникот Танасовден ‒ зимен, а на 15 мај Танасовден ‒ летен.

Именден празнуваат: Атанас, Атанаска, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте.

©Македониум