Репринт на фељтонот објавен кон крајот на 1975 и почетокот на 1976 година во Битолски весник – Битола: Искажувања на македонските учители во Пиринска Македонија.
БЕЗГРАНИЧНА ЉУБОВ КОН МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ИСТОРИЈАТА
– Според пописот на населението спроведен во 1956 година, наспроти сите притисоци, само во Пиринска Македонија како Македонци се декларираа 180.000 жители, додека според еден научен труд на Христо Калајџиев објавен во Работническо дело во 1950 година во Бугарија живееле 500.000 Македонци.
-Од вкупно 35.060 ученици –Македонци, на возраст од 7-15 години, во училиштата на Горноџумајскиот, Неврокопскиот, Петричкиот, Разлошкиот и Светиврачкиот округ, беа опфатени 32.339 ученици. Во овие окрузи училиштата ги посетувале само 3.184 ученици Бугари, 3.735 македонски муслимани, 383 Турци итн.
Денешниот зачудувачки мнифестиран негаторски став на бугарските власти за националната самобитност на Македонците воопшто, а особено на Македонците од Пиринскиот дел на Македонија, сосема логично ја наметнува потребата да потсетиме на Димитровскиот период, кога Македонците од Пиринскиот дел на Македонија со ентузијазам работеа на своето културно и национално издигнување. Во тој период 93 професори, учители од НР Македонија, заминаа за Пиринска Македонија за да предаваат во училиштата македонски литературен јазик и македонска национална историја. Од овој број на Весникот започнуваме да донесуваме искажувања на неколкумина учители кои работеа во училиштата во Пиринска Македонија.
-За Горна Џумаја (денешен Благоевград) заминавме со специјален автобус од Скопје. На границата ни беше приреден величенствен пречек од свечено облечени пионери, претставници на месната власт и населението, -вели Арсо Антонов. Но, наспроти големата радост на населението и учениците манифестирана по повод нашето доаѓање, директорот на Гимназијата во Г. Џумаја каде бев распореден да предавам, го одолговлечуваше започнувањето на наставата по македонски јазик. По интервенцијата на Перо Коробар до Министерството за просвета, директорот (Бугарин) објави преку разгласната станица дека започнува наставата по македонски јазик, но факултативно. Во почетокот часовите ги следеа само учениците од македонска националност кои беа огромно мнозинство. Но, постапно почнаа и бугарчињата да ги следат часовите. Впрочем, по она што јас и моите колеги го направивме за запознавање на учениците со суштината на работите, тие се повеќе се интересираа за нашите предавања.
Кога ќе се измелези некое семе ние велиме се избугари…
Литературните читања на кои настапуваа македонски поети и, отворањето на книжарницата на “Македонска книга”, како и Македонскиот народен театар, во голема мера ја потпомогнуваа нашата мисија. Станувавме се поомилени и кај учениците и кај населението, а тоа не им се допаѓаше на бугарските колеги. Токму затоа, тие често беа зајадливи. Се сеќавам на едно предавање на Крум Тошев во Г. Џумаја за македонскиот јазик кога еден Бугарин постави едно провокативно прашање во врска со тоа што е Македонец, а што Бугарин? Тошев, не можејќи да се воздржи му одговори: Знаете, кога некое семе ќе се измелези, нашиот народ вели – се избугари…
Атентат врз бугарските наставници
Македонскиот национален дух во Пиринска Македонија се повеќе се издгинуваше, љубовта на нашите браќа кон својот мајчин јазик, сопствената национална историја и култура се повеќе цутеше. Тие беа убедени дека обединувањето е само прашање на денови, а не години. Токму затоа, тие се повеќе ги отфрлаа учителите –Бугари, а нам ни даваат целосна поддршка и помош. Се сеќавам на крајот од учебната година (1948 година), кога имавме седница на наставничкиот совет, одекна експлозија на бомба. Но, за среќа бомбата удри во рамката на прозорецот и никој не беше повреден. Директорот веднаш ја повика полицијата и атентаторите уште следниот ден беа фатени. Тие беа ученици кои омразата кон бугарските учители ја манифестираа и на овој начин. Имено, при нивното сослушување, тие веднаш прашале да не има некој повреден од македонските учители. Зашто, атентатот бил подготвен за бугарските учители кои ги малтретирале.
Со Резолуцијата на Информбирото беа пресечени стремежите на пиринските Македонци
Работите имаа одличен тек. И кога нашите браќа од Пиринска Македонија мислеа дека следат уште поубави денови – беше објавена Резолуцијата на Инфромбирото.
Едно рано утро звучниците застрашувачки ечеа од гласот на спикерот на разгласната станица: се читаше текстот на Резолуцијата и тоа, не случајно, најпрвен во Горна Џумаја. Сите врски со Скопје беа прекинати. Настана општа паника. Се што беше како остварлив идеал – стана илузија. Веќе се наѕираше поинаков однос кон Македонците од Пиринска Македонија. Дојдоа тешки времиња на пресметки кои и денденес траат.
Наместо дома – на фудбалски натпревар во Софија
Но, иако ситуацијата беше конфузна, ние наместо да заминеме дома, отидовме да го гледаме фудбалскиот натпревар меѓу Југославија и Бугарија што се одигра во Софија.
На стадионот бучно навивавме со една група екскурзијанти од Загреб кои се наоѓаа на другата трибина. Агентите не мируваа. Но, од преголемата гужва не можеа да се доближат до нас. Се изгубивме во луѓето и се вративме во Горна Џумаја.
2.000 лева за преминување преку границата
Кога се обидовме да се вратиме дома, во Горна Џумаја ни рекоа дека не располагаме со патни исправи. Отидовме во нашата амбасада во Софија и оттаму добивме потврди кои требаше да ни послужат како патни исправи. Но, службениците на преминот кај Делчево ни рекоа дека не разбираат српски и ги исфрлија нашите документи.
Останувањето во Горна Џумаја носеше големи неизвесности. Затоа, баравме начин како да ја минеме границата. Еден наш човек, најверојатно голем патриот, рече дека тој ќе најде излез. Ни препорача да земеме под наем еден државен камион, да ја натовариме опремата, а тој рече дека ќе им телефонира да не пуштат. Така и постапивме. Но, кога требаше да преминеме, со мотор стигна еден полициски инспектор од Софија и не запре. Кога одговорните му реакоа дека им нареди да не пропуштат Н.Н. од Обласниот комитет, тој веднаш отиде да провери.
Додека тој беше отсутен, шоферот ни рече на службеникот на преминот да му дадеме пари и ќе не пропушти. Но, тоа беше прекршок и можеше скапо да не чини. Кога тој виде дека ние не сме одлучни, ги зеде парите од мене (2.000 лева) и му ги стави во џебот. Тогаш, одговорниот не посоветува “да го разгледаме преминот”. Тоа значеше да бегаме. Тоа и го направивме. Но, во текот на префрлувањето на опремата стигна полицискиот инспектор и почна да се заканува. Меѓутоа беше доцна: нашите војници од караулата веќе не прифатија.
ОСТАТОЦИТЕ ОД ГОЛЕМОБУГАРСКАТА ПРОПАГАНДА МАСОВНО БЕА ЗБРИШУВАНИ
– Во Горна Џумаја (денешен Благоевград) заминавме околу 90 учители. Бевме многу радосни и горди што токму нам ни беше доверена таа значајна задача. Границата ја поминавме кај Делчево и кога стигнавме во Горма Џумаја бевме навистина восхитени – ни беше приреден неверојатно срдечен пречек од нашите браќа Македонци. Се сеќавам дека по повод нашето пристигнување беше одржан и говор на кој се зборуваше за значењето на нашата мисија, остварувањето на вечните мечти на македонскиот народ и братството и единството. Говорничката изрече толку убави зборови за нашите патриотски обврски кон Македонците во Пиринска Македонија, такашто ги распламти нашите срца, – се сеќава Александар Колемишевски.
Животно интересирање за приликите во НР Македонија
По ручекот во Горна Џумаја, јас и уште четиринаесетина учители заминавме за Свети Врач (сега Сандански). По заповед на горноџумајската областна училишна инспекција заснована врз Указот бр. 231 на Големото Народно Собрание на Бугарија, бев распореден во селото Цапарево (на 30 км. од Свети Врач и на 10 км од нашата граница кај Берово), како прогимназиски учител со основна месечна плата од 8.500 лева.
Во Цапарево пристигнав пешки. Дождот што цел ден паѓаше не ми пречеше што побрзо да се сретнам со учениците и месното население. Кога пристигнав во селото и запрашав каде е училиштето, веднаш ме одведоа. Ме прими директорот на училиштето Никола. Долго во ноќта разговаравме за приликите во НР Македонија и Пиринска Македонија. Тоа го правевме, речиси, секој ден, а кругот на моиоте соговорници се повеќе се зголемуваше.
Мил гостин и на седенките што ги организираа младите
Цапарево имаше 100-150 куќи. Куќите, по групи, беа многу раштркани, а луѓето преку летниот период повеќе живееја на нивите отколку во селото. Но, учениците редовно ги посетуваа часовите. Во моето училиште идеа ученици и од соедните села Горема, Раздол и некои други. Тие беа вредни и солидни ученици. Особено задоволство беа часовите по македонски литерартурен јазик и македонска национална историја. Тие многу убаво зборуваа македонски. На тиа деца не требаше многу да им се објаснува што се: тие многу добро знаеја кои се и што се, како што знаеја и зошто се наоѓаат во таква положба.
Мене, особено ме импресионираа седенките што ги организираа младите. Таму, покрај македонски песни што се ореа, водевме разговори, разменувавме мислења за нашата заедничка иднина…
За големата заинтересираност на населението за нашата културно-просветна мисија зборува и фактот што во сите околни села имаше барања да им се држат говори за значењето на Илинденското востание и за НОВ. Многу значајни вистини тие луѓе слушнаа од нас. Токму затоа, немаше ниедна свеченост во Цапарево и во околните села на која не бев присутен и јас. Македонскиот збор тие сакаа што повеќе да се слуша во нивните села. Се сеќавам, на една свеченост во селото Гореме, селаните се обратија до мене да подготвам говор и да им зборувам. Тоа со задоволство и тој пат го направив.
Она што големобугарската пропаганда го правеше со векови, ние го збришувавме за денови
Во моето учиште имаше околу 100 ученици. Но, јас и моите колеги не бевме учители само за учениците. Ние го побудивме интересот за македонскиот литературен јазик и за македонската национална историја и кај целото население. Многу заблуди што беше ги создала бугарската пропаганда беа збришувани. Моите стотина ученици, како и другите стотици ученици на моите колеги во Пиринска Македонија добро сфатија какво зло претрпил целиот македонски народ од пропагаторите на антимакедонството. Тие и денес тоа многу добро го знаат, но … Убеден сум дека, ако останевме уште некоја година, ќе ги дозбришевме сите остатоци на големобугарската пропаганда. Целосно ќе го постигневме она што Бугарите не го постигнаа со вековни тортури и притисоци врз нашите браќа – Македонци. Но, ние, наспроти бескрајните желби и на Пиринците, сепак, моравме да ја напуштиме Пиринска Македонија. Суровата стварност настаната по Резолуцијата на Информбирото, ги збриша остварливите идеали.
НАСЕЛЕНИЕ СО ВИСОКА МАКЕДОНСКА НАИОНАЛНА СВЕСТ
– За Пиринска Македонија заминав со првата група која броеше 50-мина учители од НР Македонија. Во Горна Џумаја ни беше приреден величенствен пречек кој се приредува на луѓе кои долго, многу долго биле очекувани во таа средина, -вели Љубинка Граматикова, сега Петкова.
По импресивните свечености што ни беа приредени во Горна Џумаја, јас заминав за Светиврачко, во селото Горна Белица. Ова село се наоѓа на едно возвиешение, а во тоа време броеше околу 300 куќи. Во седмолетката во којашто предавав македонски литературен јазик и македонска национална историја имаше близу 300 ученици. Директорот на училиштето беше од Горна Белица, мошне добар македонски патриот. Поголемиот број на учителите, исто така, беа Македонци, но имаше некои учители од Северна Бугарија.
Во оваа седмолетка беше навистина прекрасно да се работи. Имав работа со ученици коишто беа толку многу внимателни на предавањата, ученици кои со невиден ентузијазам беа посветени на се што беше поврзано со изучувањето на македонски литературен јазик и македонска национална историја. Како да сакаа што побрзо да ги “истресат” од себе влијанијата на големобугарската пропаганда. Тие многу се радуваа на можноста да се наобразуваат на својот мајчин јазик зашто никогаш не помислуваа дека некој, некогаш врз нив ќе врши насилство да се декларираат она што, всушност, не беа и не можат да бидат. Присоединувањето на Пиринска Македонија кон НР Македонија за нив и за нивните родители, како и за пиринските Македонци беше, речиси, остварена мечта…
Јас, како и моите колешки и колеги, бевме многу млади, можам да речам и недоволно искусни. Но, нашата готовност и желбата успешно да ја извршиме мисијата, вродуваа плодови. Ако населението и учениците не ја имаа онаа високо изразена македонска национална свест и гордост, можеби немаше толку успешно да ги извршуваме доверените задачи. Но, тие со нивната желба да го присвојат своето и да не дозволуваат во тоа никој да им попречи, го распламтуваа нашиот ентузијазам. Насекаде каде што ќе се најдевме, ние бевме удостојувани, помагани и најискрено сакани и ценети учители. Тоа ги лутеше учителите – Бугари, но, тие остануваа немоќни пред љубовта и волјата на населението и учениците.
И мојата активност, како и активноста на другите мои колешки и колеги, не завршуваше во училиштето. Јас, заедно со моите колеги од Пиринска Македонија, често организиравме приредби, таканаречени “македонски вечери”. На тие приредби ечеа македонски песни, ора и стихотворби. Тоа беа прекрасни настани, незаборавни доживувања и за мене, а уште повеќе за месното население.
Нашите пирински браќа и сестри беа задоволни со она што го направи Георги Димитров за нив, а и за нас. Тие често велеа: “Ние сме Македонци, исто како и вие, па тогаш зошто да не сме заедно, во иста држава?”
Никој од нив, како и од нас што бевме појдени во Пиринска Македонија за да ја шириме просветата и културата на македонски литературен јазик, не можеше ниту да помисли дека еден ден ќе дојде до она што дојде! Но, за жал, дојде до она најнесаканото, најлошото…
Јас и некои мои колеги како да претчувствуваме дека нешто ќе се случи: пред да биде објавена Резолуцијата на Информбирото, бевме веќе заминале дома. По завршувањето на летниот одмор, јас се надевав дека одново ќе заминам за Белица. Но, уследи онаа сурова стварност и тоа не беше можно, зашто во Пиринска Македонија одново почна големобугарската пропаганда да врши пресија врз Македонците да се откажат од својот идентитет. Но, сметам дека тоа е невозможно, иако се случува сето она што не требаше ниту да се помисли. Силата и колку да е голема не може да го откорни од серцата македонското чувство.
Кирил Добрушевски