Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ја поздравува ангажираноста на новинарите на Фикс фаре од телевизија Топ чанел за истражувачката сторија која откри како за пари се издаваат лажни потврди за бугарско потекло во Острени, Општина Булќиза. Исто така ја поздравуваме и акцијата на полицијата која ги уапси вмешаните лица во овој скандал. МАЕИ бара проширување на полициската акција и во други општини и региони во Албанија каде што се одвиваат слични незаконски активности.
Во 2017 година Бугарија под закана со вето на Албанија на нејзиниот европски пат, издејствува признавање на непостоечко бугарско малцинство, иако на ниту еден попис во Албанија, ниту еден граѓанин не е деклариран за Бугарин.
Една од мерките за создавање на вештачко бугарско малцинство во Албанија, која Бугарија ја применува, користејќи ја лошата економска состојба на македонското малцинство во Албанија но и на албанските граѓани заедно, е преку давањето на бугарски пасоши за сите албански граѓани. Македонците и Албанците плаќаат илјадници евра да можат да земат бугарски пасош и да одат да работат на Запад, користејќи ги привилегиите на земјите членки на ЕУ. Ова е бизнис вреден милиони евра, кој работи не само во Албанија, туку и во повеќе земји кои не се членки на Европската унија, како Македонија, Косово, Србија, Украина, Молдавија и други.
Со цел вештачки да извади Бугари во Албанија, Бугарија пред две години, започа акција во Албанија, каде на сите албански граѓани кои аплицираа за бугарски пасоши почна да им бара потврди за бугарско потекло издадени од општините каде што живеат.
Градоначалниците на општините, администраторите на административните единици дури и претседателите на месните заедници, иако немаа никаква ингеренција, за пари започнаа да издаваат вакви потврди.
Јавна тајна е дека урнекот како да изгледат потврдите за бугарско потекло ги изготвуваше бугарската амбасада во Тирана, која преку посредниците на бугарските пасоши кој се албански граѓани и луѓе со власт, ги доставуваа до локалните власти за потпис.
Уште на самиот почеток пред две години, како партија реагиравме кај албанските власти за овој незаконски и коруптивен феномен кој наголемо се спроведуваше во албанските општини, барајќи од надлежните институции да го спречат овој феномен преку кој Бугарија фиктивно се обидуваше да собери што повеќе вакви потврди се со цел за да прикажи дека во Албанија живеат Бугари.
Скандалот да е поголем, албанските институции не само што не ги спречија вакви активности туку и ги верифицираа незаконските потврди, прво префектурите па после и министерството за Европа и надворешни работи со Апостил печат.
Министерката за надворешна работи на Албанија, Олта Џачка на 27 март 2023 година на средбата со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи уверуваше дека има информации за некои спорадични случаи кои ги разгледуваат и бројот на издадени вакви потврди не е голем.
“Имам информации за некои спорадични случаи кои ги разгледуваме, во тесна координација сме со институциите на Северна Македонија за да видиме што се тие, кој се самоопределил или колку е голем овој процес, но според досегашните сознанија не е голем. Секоја информација која ќе ја имаме во реално време брзо ќе ја споделиме со колегите од Македонија, рече Џачка.
Но благодарение на албанската телевизија Топ Чанел се откри дека само општина Булќиза има издадено илјадници вакви потврди.
Ако целиот овој скандал не излезеше јавно на телевизија не веруваме дека албанските институции ќе превземеа некоја мерка да се спречаат овие незаконски и коруптивни активности. Ова го тврдиме затоа што албанските институции во изминатите години не мрдна со прст на сите наши обвиненија за пристисок што македонската заедница го чувствува од страна на Бугарија за нивна асимилација, која грубо се меша во внатрешните работи на Албанија.
Бараме надлежните органи да ја прошират истрагата не само за незаконското издавање на потврди за бугарско потекло туку и за влијанието што групата на посредници на бугарски пасоши го имаше за време на пописот на целата територија на Албанија, кои користејќи ја и моќта на власта имаа инсталирано и свои попишувачи и вршеа притисок, закани и поткуп врз албанските граѓани да се декларираат за Бугари.
Пописот мина со многу проблеми и директно мешање на Бугарија. Македонска алијанса за европска интеграција пред пописот и за времето на пописот постојано посочуваше за притисокот од страна на посредувачите на бугарските пасоши, бугарската амбасада и ектремистичките групи од Бугарија кои како се покажа и од ова истражувачка сторија беа подржани и од локални албански фукнционери се со цел на пописот да извадат бројка на Бугари.
©Македониум