ОДБЕЛЕЖАНА 98 ГОДИШНИНАТА ОД ПЕЧАТЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ БУКВАР (АБЕЦЕДАР) ВО АТИНА ВО 1925 ГОДИНА

Во Македонската академија на науките и уметностите се одржа свечена академија посветена на 98 годишнината од печатењето на Македонскиот буквар – Абецедар во Атина во 1925 година.

Организатори на академијата беа Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Здружението Сонцето од Кутлеш од Скопје.

Академијата ја отвори генералниот секретар на Сојзуот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и претседател на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.

На академијата присуствуваа пратеничките Рашела Мизрахи, Гордана Димитриеска Кочоска, Жаклина Пешевска, Лилјана Затуроска, Светлана Карапетрова и Ангелка Петкова, претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Џо Петрески и претседателката на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград Лидија Демниева.

Присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на сите убиени и упокоени Македонци, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, од Балканските војни, двете светски војни и таканаречената Граѓанска војна во Грција.

Пригодно обраќање пред присутните имаше претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Александар Јаневски.

Реферати на свечената академија поднесоа проф.д-р Нада Јурукова, проф.д-р Виолета Ачкоска и проф.д-р Елка Јачева Улчар.

Проф.д-р Нада Јурукова зборуваше за историските аспекти од печатењето на Абецедарот во 1925 година: “Абецедарот има тројца автори. Создаден е со одлука на Друштвото на народите Требаше да влезе во сила 1925-1926 година. Но, под притисок, не влезе во образовниот систем на Грција.“

Проф.д-р Виолета Ачкоска заборуваше за историјата и современите текови: “Она што денес ни се случува е фактичко затворање на македонското прашање, отворено од Големата Источна криза. Сега се затвора со наводните “добрососедски договори“! Во позадина се европските сили и меѓународната политика!“

Проф.д-р Елка Јачева Улчар зборуваше за јазичните аспекти на Абецедарот: “Мојот апел е да се запознае светската јавност, ако досега воопшто не е запозната, каков бил односот на Европа спрема малцинствата, кои пред еден век немале дури ни своја држава. Ги имам предвид Друштвото на народите, кое по Втората светска војна е унапредено во Организација на Обединетите Нации, нивното инсистирање за признавање на македонското малцинство и македонскиот јазик. Патем Атина, Македонците ги именува како славофони.“

Проф.д-р Елка Јечева Улчар иницира достава на барање од Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН до Бирото за развој на образованието на Македонија, лекцијата за македонскиот буквар – Абецедар, издаден во Атина во 1925 година да се најде во сите учебници за основното, средното и високото образование, и да се публикува издание на Абецедарот до 2025 година, чија промоција ќе биде на свечена академија по повод 100 годишнината од неговото прво печатење.

Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН безрезервно ги прифати иницијативите на проф.д-р Елка Јечева Улчар.

Присутните за крај проследија еден архивски документарец за геноцидот и прогонството на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од таканаречената Граѓанска војна во Грција 1948 година, кои се длабоко всадени во колективната меморија на Македонскиот народ. Таа историја никогаш нема да се заборави, затоа што таму се македонските корени… Егејот е душата на Македонија.

©Македониум