Албанија и ги врати украдените икони на Македонија

После една деценија, Албанија ги врати 20-те украдени икони од македонските цркви од Струшко.

Иконите на свечесност во Тирана попладнево ги презеде министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и тие вечер ќе бидат изложени во фоајето на Музејот на Македонија.

Министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити објави и кратко видео од примопредавањето на украдените икони од Македонија.

Како што појасни Костадиновска-Стојчевска, иконите ќе бидат соодветно спакувани за да не се оштетат при транспортот и по процесот на заштита, изложени во Музејот на Македонија, а потоа вратени во Македонската православна црква.
Договорот за враќањето на иконите со Албанија беше потпишан минатата година.

-Во меѓусебна соработка меѓу надлежните органи на двете земји се разменија информации и сознанија кои потврдија дека 20-те икони не се со потекло од Република Албанија и постојат индиции дека истите се нелегално изнесени од Македонија. Се идентификуваа иконите, црквите и манастирите во Македонија од кои иконите се незаконски изнесени. Оваа постапка е успех, но и опомена дека треба да вложиме напори безбедносно да го заштитиме културното наследство со цел истото да не биде предмет на кражби и да биде незаконски изнесено од државата, изјави Бисера Костадиновска Стојчевска.

Украдените икони потекнуваат од југо-западниот дел на Македонија и биле украдени во периодот од 2008 до 2013 година. Тие случајно беа откриени преку медиумите во Албанија во телевизиски прилог за премиерот Еди Рама.

Тие пред 10 години биле идентификувани од историчарот на уметност Сашо Цветковски од МАНУ, и неговиот прв впечаток тогаш бил фрапантен.

-Во декември 2013, мала екипа на професионалци, меѓу кои јас, колеги од МВР, отидовме во Тирана во Галерија на современа уметност, каде што беа депонирани, и нашиот прв впечаток беше фрапантен. Таму имаше илјадници предмети украдени од различни места од различни предели на Албанија, Грција, Македонија. Тоа беше и страшна глетка, изјави Сашо Цветковски.

Инаку, меѓу 20-те украдени икони, е и иконата на Дичо Зограв, еден од најпознатите иконо и фрескосликари на Балканот во 19 век.

Дел од иконите се украдени од црквата „Св. Атанасиј“ во Ресен, пет икони од црквата Св. Богородица, во селото Ѓавато, исто толку од црквата Св. Атанасиј во Струга, три икони од црквата Св. Никола во селото Радожда и три од црквата Св. Богородица во Струга.

Според најавите, освен овие 20 икони, во музеите во Албанија идентификувани се уште 37 за кои исто така ќе почне процедура за враќање во Македонија.

©Македониум