ПОВТОРНО ОТВОРЕН ЛЕКТОРАТОТ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ТИРАНА

Ректорката на државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, проф.д-р Биљана Ангелова во чест на повторното отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при државниот Универзитет во Тирана, приреди прием на проф.д-р Славица Свидерска.

Проф.д-р Славица Свидерска е избрана за лектор по македонски јазик во Тирана.

Новоизбраната лекторка, пред ректорката проф.д-р Биљана Ангелова и проф.д-р Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје, изложи предлози за развој и афирмација на македонистиката на Универзитетот во Тирана.

– Отвораме важна страница од големата мисија на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, преку повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик, литература и култура на Универзитетот за странски јазици во Тирана, Република Албанија. Ова е историски исчекор за развој и афирмација на македонистиката во светот, преку високообразовна соработка која отвора и процес на културна соработка преку градење на мостови меѓу двете култури, – изјави ректорката Ангелова.

©Македониум