Ја излези Ѓурѓо, ја излези сестро,
ја излези Ѓурѓо на пенџере.
Ај, ја излези Ѓурѓо на пенџере.
Да ги видиш Ѓурѓо, да ги видиш сестро,
да ги видиш Ѓурѓо комитите.
Ај, да ги видиш Ѓурѓо кoмитите.
Ако Охрид е ,,бисерот на Македонија” од градовите, во тој случај од селата е Железнец. Сместено во клисура на регионалниот пат Битола – Кичево, се наоѓа убавото и живописно село Железнец.
Доколку треба некое Македонско село да се најде на листата на УНЕСКО, тогаш тоа треба да е Железнец.
Ако ги прашате мариовци од каде потекнува Итар Пејо, ќе ви кажат дека е од Градешница, но ако ги прашате демирхисарци, тогаш тие ќе ви кажат дека е од Железнец.
Ако некогаш во животот сте се запрашале од каде потекнува песната ,,Ја излези Ѓурѓо”, тогаш веќе го имате одговорот – тоа е селото Железнец. Но не спомнувајте го тоа во Бабино бидејќи и тие тврдат дека песната потекнува од кај нив., но со малку поизменета приказна..
Таа песна е создадена од вистински настан од 1903 година. Порано над селото Железнец, во селата Велмевци, Мало и Големо Илино, востаниците на чело со Јордан Пиперката се спуштале надоле за да одат да се борат против Османлиите. Тие поминувале од селото Железнец, а таму жителите ги дочекувале со воодушевување. Жителите на Железнец ретко можеле да видат вооружена Македонска војска со развиорени знамиња. Па така една девојка од селото чие име не е познато и довикувала на својата другарка од другата страна на реката со зборовите: ,,Ја излези Ѓурѓо, ја излези сестро, да ги видиш комитите!”.
Па така тоа извикување станало мелодија, а потоа и песна.
Покрај убавата Ѓурѓа, во ова село во минатото имало и дискотека која се викала Банго и која за жал моментално не функционира. Дури и од Демир Хисар и соседните села доаѓале луѓе во дискотеката.
Во селото можете да видите преубава селска архитектура, селската црква Св. Богородица во која има насликано фреска на петел со бисер во клунот, што е можеби е единственото такво нешто насликано во Македонија, а тука се и изворите на Црна река, кои мора да се посетат. Изворите се најголемата атракција во селото. Ги има 3 од кој главниот извор ,,Црна дупка” е пресушен (барем таков беше во октомври). Во минатото во реката можеше да се види ендемски вид на речна пастрмка, но денес тоа е многу ретко.
Над селото има рудник и во минатото имало тврдина од антиката, чии остатоци сеуште може да се видат и денес.
Железнец припаѓа на Општина Демир Хисар, а во минатото било во Општина Железнец. Според пописот од 2021 година, селото брои 16 жители.
Ова село е прогласено за споменик на културата, но за жал е незаштитено. Куќите кои се со стара селска архитектура и кои се стари по 200 години, не се сочувани. Куќите се градени со печени тули од кал и дрво. Изградени се во 19 и 20 век. Многу од куќите се во лоша состојба. Околината на селото е живописна со густа шума.
Ова село може да биде едно од најпосетените во државата, доколку би се средиле куќите, би се поставиле инфо табли и правилно се промовира туризмот во селото. Вреди да се посети.
Превземено од фејзбук страната “Патувањa низ Македонија”