МАЕИ побара од ИНСТАТ и Мала Преспа да биде опфатена со продолжениот рок за попис

Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, денеска достави барање до Институтот за статистика, ИНСТАТ, пописот на населението да се продолжи и за подрачјето на Општина Пустец.

„Доставивме барање до ИНСТАТ од причина што добар дел од жителите се сезонски работници во Македонија и Грција, поради што, сè уште не се контактирани од попишувачите. Се надеваме на позитивен одговор со што и Општина Пустец ќе биде опфатена со продолжениот рок на пописните активности. Тоа ќе овозможи поголем процент на опфатеност“, изјави за албанските медиуми Ефтим Митревски, потпретседател на партијата.

ИНСТАТ синоќа соопшти дека пописот на населението и домаќинствата, што требаше да заврши на 30 овој месец, продолжува до 15 ноември, бидејќи околу 3 отсто од подрачјата, главно планински, на целата територија на Албанија сè уште не се попишани.

Оваа значајна статистичка операција официјално започна на 18 септември, а податоците собрани на терен, ќе бидат обработени, анализирани и објавени во форма на официјална статистика во јуни 2024 година.

Пописниот формулар содржи 100 прашања, а само три од нив етничка и религиска припадност и мајчин јазик се незадолжителни.

Ова е 12. попис по ред на населението во историјата на Албанија. Првиот е спроведен во 1923 година, а последниот во 2011 година.

©Македониум