Јазикот на кој зборуваат е македонски, гордо кажуваат жителите на областа Голо Брдо во Албанија, што и научно се поткрепува преку истражувањето на Дијана Петровска, доктор по хуманистички науки. За време на посетата на неколку села, во кои иселувањето е поради постојан општествено-политички и економски притисок, во разговорите со мештаните, Петровска заклучува дека дијалектите одлично се сочувани. Нивниот говор се вбројува во западно-македонски перферни говори, кои ги содржат сите карактеристики на западното македонско наречје.
„Кога разговаравме со мештанките тие го знаат само мајчиниот јазик и на него разговараат, а за нив е непознат и не го разбираат албанскиот јазик оти ниту еден ден посетувале настава. Причината е едноставна, не посетувале училиште. Исто така и децата кои се нарекуваат џагуриња, тие исто така го знаат мајчиниот јазик од своите мајки, баби, роднини, соселани, а на 7 години кога започнуваат со настава тие го учат и албанскиот јазик и латинското писмо. Некој од мештаните го знаат и кириличното писмо но тие се самоуки дека тие ги гледаат македонските програми на македонската телевизија“. – изјави Дијана Петровска, доктор по хуманистички науки – македонистика.
Централно место на истражувањето било селото Требиште, од каде е направен комплетен запис на целиот дијалектолошки материјал. Петровска вели дека жителите биле гостопримливи и желни за разговор, иако се подзаборавени од своите.
„Самите се преизнесуваа за својата етничка припадности, тие велеа дека се Македонци од Голо Брдо и кај нив можеше да се види знамето со 16 краци кое е изгравирано или на фасадите или на некои сувенири или на надворешните порти, а кога стануваше збор на каков јазик зборуваат тие велеа нашки си збориме“. – изјави Дијана Петровска, доктор по хуманистички науки – македонистика.
Текстуални и аудиозаписи од истражувањето се објавени во 2022 во монографијата „Голобрдскиот говор“, прво организирано истражување на овој говор, непосредно на терен, од македонска страна.