МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНСКИОТ ЕНЦИКЛОПЕДИСКИ РЕЧНИК ОД 1985 ГОДИНА

Албанскиот енциклопедиски речник од 1985 година пишува за жителите од македонска националност во Пустец, за училиштето на македонски јазик, соработка со македонските чети и учеството на жителите во Антифашистичка народно-ослободителна војна:

(Пустец). Село во областа Корча, на брегот на Преспанското езеро. Селото е центар на истоимената општината која ги опфаќа и селата Зрноско, Церје, Леска, Шулин, Глобочени, Горна Горица, Долна Горица и Туминец, вкупно население 3920 жители. Тоа е старо село. Црквата Света Богородица од XIV век на островот Мал Град се споменува за ѕидното сликарство со уметничка вредност. Жителите на Пустец се од македонска националност. На овие простори, дејствувале четите за слобода за време на војната за независност и тоа било место за средба и соработка со македонските чети. Жителите активно учествуваа во Антифашистичка народно-ослободителна војна. Меѓу битките што се случиле овде е и онаа на 11 август 1943 година меѓу баталјонот „Фуат Бабани“ и италијанските фашистички сили во превојот Бигла. Пустец е вклучен во истоимената здружена задруга. Главен правец на стопанството е сточарството и риболовот. Пустец има средно земјоделско училиште, училиште на македонски јазик, музеј, културен дом, книжарница, болница, стопански и општински единици, пишува за Пустец во Албанскиот енциклопедиски речник од 1985 година.”

Овој енциклопедиски речник подготвен е во Секторот за енциклопедии на Академијата на науките на Албанија, под раководство на главниот уредник Алекс Буда.

Васил Стерјовски