Промовиран во Тирана, фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“

Во организација на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, на 14 јули 2023 година, со почеток во 18 часот во „Реја“ (пред Национална галерија) – Тирана, беше одржана промоција на фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“.

Во своето обраќање претседателот на Македонското друштво Илинден, Никола Ѓурѓај изјави дека фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“ беше испечатен благодарение на финансиската помош на Комитетот за национални малцинства на Република Албанија.

– Фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“ содржи фотографии од носиите кои македонското население со векови ја практикувало во областите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, селата Крчишта и Ербеле, област Поле, Маќелара. Во албумот се презентирани 12 фотографија и во состав на секоја од нив на македонски и албански јазик се објавува објаснување за носијата. Издавач на овој проект е Македонско друштво “Илинден“-Тирана, изјави авторот на фото албумот Никола Ѓурѓај.

Во своето обраќање, Марјана Костофски, преставник на македонското национално малцинство при Комитетот за националните малцинства изјави дека му се заблагодарува на Македонското друштво Илинден за организирањето на овој настан, кој со поддршка на Фондот за национални малцинства го подготви овој албум, единствен во ваков вид, кој преку фотографии ја илустрира народната облека од областите каде што живее македонското малцинство во Република Албанија.

– Зачувувањето и промовирањето на нашето културно наследство е должност на сите нас, за да можеме да го пренесеме на идните генерации. Присуството на овој настан за мене, за нас како Институција, значи поголема одговорност и посветеност во рамките на исполнувањето на нашата мисија. Затоа, преку фондот за националните малцинства и не само, нашата Институција ќе продолжи да дава уште поголема поддршка за иницијативи и проекти насочени кон заштита на правата, зачувување и промовирање на посебниот културен, етнички, јазичен, традиционален и верски идентитет на националните малцинства. Исто така посебна благодарност до г. Ѓурѓај, кој со години попрофесионално ја извршува својата дејност и има драгоцен придонес за зачувување на јазикот и традициите на македонското малцинство, изјави Марјана Костофски.

На промоцијата, присуствуваа Лутим Спахиу, советник во македонската Амбасада во Тирана, Александру Саву, советник во романската амбасада во Тирана, Еда Кошовари, директор на Дирекцијата за анализи и проекти при Комитетот на националните малцинства, Марјана Костофски, претставник на македонското национално малцинство во Комитетот на националните малцинства на Република Албанија, Маринко Чулафиќ, претставник на црногорското национално малцинство во Комитетот на националните малцинства, Елис Пука, претставник на Националниот центар за традиционални дејности, Незир Меча, потпретседател на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Елса Џелили, координатор на Македонското друштво „Илинден“-Тирана за округот Елбасан и Лизбет Ѓурѓај, меѓународен координатор на Македонското друштво “Илинден“- Тирана.

Фото албумот е печатен во печатница Абази -Тирана со тираж 300 примероци и ќе се дели бесплатно низ Република Албанија.

©Македониум