Никола Тане: Македонците од Преспа си ги бараат своите права во институциите и не се фактор на нестабилност

Никола Тане, со потекло од село Глобочени, беше учител во подрачјето на Преспа, Општина Пустец. За еден мандат беше и градоначалник на Општина Пустец. На 11 август 2002 година албанскиот новинар Сокол Шамети во списанието “Клан” објави репортажа за посетата на Мала Преспа на Љубе Бошковски, министер за внатрешни работи на Република Македонија, каде во репортажата користеше навреди за Македонците од Мала Преспа. На овие навреди во албанските медиуми реагираше интелектуалецот Никола Тане. Весник Македониум ја преобјавува во целост реакцијата на Никола Тане од 22 август 2002 година. Никола Тане почина во 2005 година. Беше почитувана личност во подрачјето на Преспа и горд Македонец кој ја сакаше областа на Преспа и својот македонски род.

Подолу целата реакција на Никола Тане:

Одговор на репортажата: „Љубе нашиот брат“ објавена во списанието “Клан”

Повод за ова реакција е статијата: „Репоражa, Лиќенас (Пустец), следната авантура на Бошковски“ објавена во списанието „Клан“ на 11 август 2002 година од авторот Сокол Шамети.

На почеток на репортажата пишува: „Љубе нашиот брат“. Другар Сокол и другите соколи, ви појаснуваме дека е точно дека Љубе Бошковски ни е брат, затоа што сме од иста крв, од иста вера, од ист јазик и ни беше задоволство што овој висок македонски државен деец ја посети Преспа, на приватен начин, така како што можи висок албански државен деец, да ги посети Албанците кои живеат во Македонија, или поточно како што многупати ги посетиле.

Подолу омаловажувачки пишувате дека: „Преспанци се познати апсолутно по ништо, освен со исклучок на еден писател за деца од 30-тите и 40-тите години“. Изразувајќи се на овој начин, пред се се игнорирате себеси, покажувате до каде сте со знаења, не само за Преспа, туку и пошироко.

Преспа е област со голем интелектуален, културен, економски потенцијал и сл. Таа не произведе само еден писател за деца како што велите вие и некој друг како вас, туку произведе писател од светска класа со култура, со многу широк хоризонт, кој напиша многу дела кои се преведени на многу јазици на светот и не е горда само Преспа, туку цела Албанија. Ако не знаете за ова, прашајте некој пријател кој има завршено основно образование или повисоко, затоа што вие според мислењата што ги искажувате во статијата, не веруваме дека сте завршиле ни предучилишно образование и ако сте го завршиле ова ниво, веројатно сте биле ученик со ограничени способности.

Преспанци се мудри, паметни, толерантни и многу гостопримлив народ, имаат придонесено за албанското општество, знаат да си ги бараат своите права и слободи во институциите и никогаш не биле фактор на нестабилност.

Исто така, појаснуваме дека Преспа има над 200 (двесте) момчиња и девојчиња со високо образование, со различни струки и денес се невработени. На неколкуте работни места што ги има во подрачјето се ангажирани луѓе од Тирана, Тепелена, Валона. Овие момчиња и девојчиња ја претставуваа областа Корча на различните научни олимпијади што се одржуваа на републичко ниво и секогаш го заземаа првото, а ретко второто место. Корча се гордееше со овие паметни момчиња и девојки. Од овој контингент произлегоа многу други млади поети кои напишаа многу песни кои се учат во 8-годишното образование.

Жителите на Преспа не живеат со илузија дека припаѓаат на друга држава. Тие знаат каде живеат и ги бараат правата што им ги дава законот, повелбата за правата и слободите на малцинствата.

Во својата историја Македонците кои живеат во Преспа не и донесоа никакви неволји на албанската држава. Tие ја наследија својата античка култура, јазик и обичаи и во душата не чуваат омраза и одмазда, туку толеранција и пријателство. Со Корча, со Албанците тие имаат живеено и живеат и имаат стари и нови пријателства, кои не само што имаат своја специфичност, туку се одликуваат со широкиот и разновиден опсег. Овој соживот, ова пријателство е плод на толеранцијата, на меѓусебното разбирање за заеднички да се создаде регионален мир. Денеска не треба да се поттикнува омразата и поделеноста, туку да се продлабочи пријателството, разбирањето и толеранцијата меѓу народите, бидејќи народите сакаат да одржуваат добрососедство меѓу себе и кога се знае дека секаде малцинствата се мостови на поврзување меѓу народите.

Точно е дека ги слушаме и гледаме македонските и другите станици, но во исто време сакаме да ги слушаме и сите албански телевизии, да се информираме за активностите на владата и државата, но за жал телевизиските сигнали не навлегуваат во ова изолирано и напуштено подрачје од државата, без струја, без вода, без патишта, без инвестиции.

Македонците од Преспа се народ кој го сака образованието. Првите обиди за отворање на училиште се направени уште во 1903 година, но за жал првото училиште е отворено во 1908 година. Денес децата одат на училиште и според законот 20% од наставата се одвива на македонски мајчин јазик, додека сите наставници имаат соодветно образование и имаат висока педагошко-стручна подготовка. Дел од нив имаат изработено учебници и целиот образовен систем е под постојана контрола на образовната дирекција на Корча како и на Министерството за образование и нема наставници со дефекти како што велите, со дефекти може да биле тие наставници кои ви дале ограничени лекции на вас.

Македонците во Преспа во многу ретки прилики на верски празници или приватни прослави го веат македонското знаме и нема ништо лошо во тоа, додека Албанците во Македонија го носат секаде и секогаш, дури и во македонските државни канцеларии.

Ние сме признати како Македонци и ни се дадени некои права како: слобода на говор, печат, јазик, обичај. Мирниот митинг одржан пред една година во Преспа беше мирен митинг за решавање на проблемите со дијалог, со разбирање, а не со војна, бидејќи војната е регресија и примитивизам чие време помина.

Другар Сокол, што се однесува до твојата загриженост за поставување на границата кај дренот, не се грижи многу затоа што границата беше поставена во тоталитарниот систем, каде што многу Преспанци беа затворани, прогонувани, малтретирани. Во Преспа започна асимилаторска кампања со менување на македонските имиња на селата, на луѓето од македонски на албански и многу други дискриминаторски дејствија. Со доаѓањето на демократијата, дренот каде што беше воспоставена границата пресуши, но по 1997 година овој дрен повторно никна и повторно беше воспоставена границата. Малтретирањето и отпуштањата почнаа веднаш. Отпуштени се 27 (дваесет и седум) лица, среде ноќ е упаднато во десетици селски семејства, неколку лица се затворени, жителите секаде ги следат, на секој чекор и не смеат да си обезбедат парче леб и други дејствија кои се во спротивност со правата и слободите на малцинствата, затоа спиј мирно другар Сокол, оти границата кај дренот е поставена.

Од проблемите кои се третираат од вас во статијата и од кратките појаснувања со реални факти, можеме да прашаме:

– Зарем немаме право да го чекаме нашиот брат или пријател?

-Немаме ли ние право да си ги бараме правата во институциите?

– Зарем немаме право слободно да го изразуваме своето мислење?

– Немаме ли ние право да се вработуваме на тие работни места што ги има Преспа?

– Немаме ли право да гледаме македонски телевизии?

-Немаме ли ние право да ги вратиме старите македонски имиња на селата?

-Немаме ли ние право да имаме струја, вода, патишта, инвестиции?

И многу други прашања на кои времето ќе им даде одговори.

НИКОЛА ТАНЕ
Пустец на 22 август 2002 година