Реферат на Академијата по повод 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, поднесен од проф. д-р Тодор Чепреганов, кој весник Македониум го пренесува во целост:
“Оваа година чествуваме 75 години од настанот кој во историографијата е познат како евакуација, егзодус, деца бегалци, геноцид, спасување, киднапирање, доброволно или присилно иселување, злосторство против човештвото, грабнати деца, педомазома (собирање на деца), а се однесува на напуштањето на своите родни места на деца од 3 до 14 години, односно хуманото “спасување на децата од ужасите на војната“, што било поврзано со воените планови во 1948 година кога требало да се водат решавачки битки во цела Грција, а особено во западниот дел на егејскиот дел на Македонија. Имено, во 1948 година започнале последните прегрупирања на спротивставените страни во Граѓанската војна пред претстојните решавачки битки што се случиле на планините Вичо и Грамос. За да се заштитат од ужасите на војната, привремената демократска влада на Грција донела одлука да бидат евакуирани децата од подрачјата кои се планирало да бидат зафатени од најголемите битки. Постапката за евакуација на децата од левичарската влада, меѓу кои имало и Македонци и Грци, започнала во март, а завршила во јуни 1948 година. Најголемиот дел од нив беа испратени во Југославија и во земјите од поранешниот комунистички блок. Во 1949 година за време на завршните битки од војната, ДАГ поради недостатокот на борци почнала да регрутира малолетни деца – бегалци кои биле на 12 и 13 – годишна возраст, а биле избирани не според годините, туку според висината. На овој нечовечки и нехуман гест реагирале голем број македонски мајки од Егејска Македонија, особено од Костурско, кои и писмено се обратиле до раководството на Комунистичката партија на Грција и ДАГ да не ги испраќа нивните деца на фронтот и да ги врати кај родителите. Под притисок на народот и на родителите на овие деца, раководството на ДАГ се откажало од овој нечовечен и бесмислен потег. Исто така треба да се потсетиме дека во средината на јуни 1948 година во Егејска Македонија беа употребени за прв пат и напалм запаливи бомби со цел целосно уништување на живата сила во Егејска Македонија.
Бројката од 90.000 до 140.000 принудно иселени лица од Грција за време на Граѓанската војна, во кој Македонците се вклопуваат со 50.000 лица, а треба да се надополни и со 25.000 – 28.000 деца (македонски и грчки) доведе до нарушување на етничката структура на населението во егејскиот дел на Македонија.
Во историографијата ова прашање е елаборирано и од македонската и грчката историографија и секој стои на своите ставови. Но, да видиме во какви глобални, регионални и локални услови се случуваше ова евакуирање.
Од крајот на 1944 година Велика Британија го засилила своето интересирање за настаните на Балканот, а посебно нејзиниот интерес бил насочен кон изнаоѓање начини за заштита на своите интереси во Грција и Турција. Посебно се настојувало да се инволвираат и да бидат по активни во настаните на Балканот САД, кои според Винстон Черчил “бавно го увидувала пробивот на комунистичкото влијание“.
Во почетокот на 1945 година станувало се појасно дека “кога војната која ја води една коалиција се приближува кон својот крај, политичките аспекти стануваат се поважни”. Велика Британија ги вложувала сите свои напори да ја обезбеди својата доминација на Балканот и во Југоисточна Европа. На патот на таа нејзина цел се испречил СССР кој од своја страна, исто така, ја наговестувал својата доминација во поголемиот дел од Балканот. Сигурно дека во тој момент Велика Британија, војнички и економски не можела да му се спротивстави на СССР. Од друга страна, британскиот премиер Винстон Черчил не можел да се помири со американската незаинтересираност во однос на прашањата што се однесувале кон стекнување на сфери на влијанија на Балканскиот Полуостров, имајќи ја притоа предвид американската економска и воена доминација во светски рамки.
На денот на победата, британскиот премиер Черчил констатирал дека “преку ноќ ја снема главната врска на заедничката опасност која ги соединуваше големите сојузници. Во моите очи советската опасност веќе го замени нацистичкиот непријател. Нашата сила, која помина толку бури неможе повеќе да ги издржи сончевите зраци.”
Идеолошките спротивности, комунизам-капитализам, во постоечките услови, само за некоја година, ќе доведат до нов судир, интересите на двете спротивставени идеологии ќе се судрат во Грција. На едната страна се најдоа силите на Националната армија на Грција, а на другата силите на Демократската армија на Грција во чија позадина стоеја Велика Британија која ги помагаше силите на кралот, а на другата СССР кој ги помагаше силите на ДАГ зад кои стоеше прокомунистичката ЕАМ. Критичниот датум кој ја определил судбината на Македонците и грчките комунисти е Договорот во Варкиза од 13 февруари 1945 година меѓу грчката влада и ЕАМ за прекин на судирот меѓу ЕЛАС и англиските војски во Атина, за расформирање на ЕЛАС и ЕДЕС, за формирање на национална армија, за спроведување на избори, формирање коалициона влада и други. Тоа во суштина значело пораз на левицата во Грција и реставрација на предвоениот режи во Грција. Варкиза 1945 и Грамос 1949 се црвената нитка која ја определи судбината на Македонците во Егејска Македонија.
Познато е дека во редовите на ДАГ зедоа учество и Македонците од делот на Македонија кој влезе во составот на Грција.
Во текот на Граѓанската војна во Грција, Југославија претставувала главен извор за снабдување на грчките комунисти и на Македонците во борбата, која на едните требало да им донесе освојување на власта, а на другите национално ослободување. За Владата во Атина тоа претставувало не само флагрантно мешање во внатрешните работи на Грција, туку и сериозен обид да се наруши нејзиниот територијален интегритет. Всушност, неспорен е фактот дека од комунистичката победа во Грција, Југославија се надевала дека ќе се реализира нејзиното решение на македонското прашање, што во практична смисла значело обединување на егејскиот дел на Македонија, или на областите претежно населени со Македонци, со Народна Република Македонија во рамките на Југославија. Но, исто така, непобитен е фактот дека и прашањето за обединување на Македонија не претставувало врвен приоритет за Југославија и за нејзиниот лидер Јосип Броз Тито.
Македонците во Грција претставувале само тактичко средство и само дел од технологијата што Сталин ја примени за да ја стабилизира стекнатата позиција на советска Русија во повоениот меѓународен светски поредок. Македонците беа обесправено национално малцинство чии национални аспирации во одреден момент силно беа поддржани и поттикнувани од најмоќниот балкански лидер, Јосип Броз Тито, и тоа преку идејата за обединета Македонија. Оваа поддршка не беше случајна. Таа беше една од главните компоненти која требаше да дејствува во правец на реализирањето на долгорочните амбиции на југословенскиот лидер за комплетна доминација на Балканот. Оттука, оваа поддршка, во комбинација со создадениот Народно-ослободителен фронт (НОФ), организација која Белград ја формира во Скопје, со цел да се бори за самоопределување и за обединување на Егејска Македонија со нејзиниот пиемонт-новоформиранта Народна Република Македонија, бил доволен мотив Македонците од Егејот да го прифатат понудениот предизвик наречен Граѓанска војна во Грција, а со тоа, фактички, и да се стават во директна функција на глобалните интереси на Сталин и на регионалните на Јосип Броз. Притоа, гледано од аспект на историјата, треба да се потенцира дека нивните лидери не можеле ни да претпостават дека другата страна, која ја претставува западната демократија, имала веќе подготвено соодветен одговор на, според неа, руската комунистичка експанзија.
Во тој контекст, Џорџ Кенан, првиот секретар на американската амбасада во Москва, со својата прочуена “Лонг Телеграм”, не само што предупредил на ширењето на комунистичката опасност туку, воедно, ги постави и основните контури на политиката на контаинмент-задржување. Во основа, основната цел на оваа политика била “Советскиот Сојуз да се задржи на неговото место со зацврстувањето на економиите, а оттаму и на моралот на сите оние земји кои можат да бидат цел на деструкција”. Со објавувањето на Трумановата доктрина, таа и формално станала дел од американската надворешна политика.
Притоа, Грција не случајно е една од првите земји каде е демонстрирана определбата на Вашингтон да ги употреби принципите на задржување во Европа. Целата филозофија на надворешната политика на САД била заснована врз убедувањето дека, Граѓанската војна во Грција е критична битка во раширената советско-американска конфронтација и дека е клучен елемент во експанзионистичката политика на Москва. Оттука, американскиот претседател Хари Труман бил подготвен да ја преземе историската улога на Обединетото британско кралство во блокирањето на советското напредување кон Медитеранот.
Овој глобален трансфер на моќта помеѓу Велика Британија и САД (март 1947) не само што ја обезбеди Грција со моќен сојузник, туку и со сојузник кој смета дека поразот на востаниците во Грција бил неопходно потребен заради успехот на политиката за задржување на Советскиот Сојуз. На овој начин, Граѓанската војна во Грција, која требала да им обезбеди власт на грчките комунисти, а национално ослободување на Македонците, фактички, и за едните и за другите е изгубена пред и да започне. Дотолку повеќе што Москва, нивниот главен, но, во суштина, само вербален сојузник, оцени дека оружената борба во Грција во дадениот момент, се преобразува во директна закана за нејзините веќе стекнати позиции. Впрочем, за Сталин, “времето на револуцијата не е завршено. Ако сега грчките комунисти не успеат, ќе успеат по 20-25 годиниа”.
Во вакви околности, улогата на југословенскиот лидер Јосип Броз Тито, како послаб партнер во големата игра, се разбира станува сосема безначајна. Потребата да се заштитат сопствените државни интереси е приоритет кој диктира тој да ги жртвува интересите на Македонците и на грчките комунисти, а со тоа, воедно, да се откаже од сонот комунистичка Југославија да стане центар на целиот Балкан. Нешто што, фактички, ниту во еден момент не е прифатливо, ниту за Советскиот Сојуз, ниту за западните сојузници. Тие, и покрај сиот свој антагонизам, биле согласни во едно: “…на Тито нема да му се дозволи да ги израсне сопствените чизми”.
Како што југословенско-советскиот конфликт, настанат со Информбирото, станувал сосема јасна реалност, така Лондон и Вашингтон ги зголемиле напорите да ја искористат ситацијата. Во почетокот на 1949 година Британците заклучиле дека за владата на Неговотo Височество било од голема важност “во нејзината одбранбена борба против советскиот комунизам, Југославија да не биде повторно апсорбирана во Советскиот блок”, бидејќи тоа можело да биде искористено за “расцеп во Источно европската солидарност”. Во исто време и Американците заклучиле дека е добро “Титоизмот да продолжи да постои како ерозивна и дезинтеграциона сила во Советската сфера” и дека е потребно “Тито да се одржи доволно силен” за да може да го преживее притисокот од Информбирото. Од своја страна, американскиот државен секретар, Дин Ачесон ја советувал амбасадата во Белград “постојано да има на ум” дека, е од витален интерес за Соединетите Американски Држави, Југословените да ја “прекинат поддршката на грчките герилци“. Тој притоа, исто така, нагласил: “Тито (во прикладно време) ќе мора јасно да сфати дека Соединетите Американски Држави не се подготвени да продолжат … да му помагаат за да го зголеми степенот на југословенската економија, доколку неговиот режим го поддржува востанието против слободно избраната влада, членка на ОН, која е воено поддржана од Соединетите Американски Држави. Кога Тито ќе се соочи со изборот на сопствениот витален интерес, тоа ќе го принуди да ја прекине помошта“.
Јосип Броз Тито, фактички, во ниту еден момент не бил спремен да ја жртвува стабилноста на својот режим и територијален интегритет на новоформираната федерација заради обединувањето на Македонците, што се покажало веднаш по исклучувањето на Југославија од Информбирото во јуни 1948 година. Имено, соочен со опасностите од економски и воен аспект, Јосип Броз Тито се откажал од идејата за создавање на обединета Македонија и со тоа ја напуштил борбата на грчките комунисти и на Македонците. Во таа новонастаната ситуација основната цел на Велика Британија и САД била преку економска помош Тито “да се одржи на површина”, што од своја страна барало и одредени отстапки од југословенскиот лидер т. е. “…ако ‘Тито’ сеуште сака да ја добие нашата економска помош, ќе биде во негов интерес да ни даде некаква помош за возврат… Она што за возврат тој најлесно може да го направи за нас, без притоа да го изгуби внатрешниот углед, е незабележано да ја повлече поддршката од грчките востаници”. Како што е познато во почетокот на мај 1949 година за разговори во однос на ова “деликатно прашање” во Белград бил испратен Фицрој Меклин. Било договорено дека на политичките бегалци кои ќе добијат азил во Југославија, “во иднина нема да им биде дозволено да се враќаат во Грција за да ја продолжат борбата” и дека “никаква друга помош нема да им биде дадена на востаниците”. По овој меѓусебен договор, Југославија ја користела секоја можност да ги убеди западните сојузници за промената на нејзината политика во однос на Грција, така што “…Тито не само што му вети на Меклин туку, исто така, преку Кардељ истите ветувања му ги даде и на американскиот амбасадор…” истакнувајќи “… сега сѐ е поинаку… ние таму повеќе немаме пријатели (помеѓу востаниците)”. Официјалното објавување на југословенската одлука за затворање на југословенската граница кон Грција следувала во говорот на Тито во Пула на 10 јули 1949 година, а како преттекст за ваквата одлука биле изнесените обвинувања на КПГ дека грчките владини војски ја употребуваат југословенската територија за напади врз ДАГ, со што како што се констатира во еден извештај на Форин Офис, “Тито сакал да ги одбегне сите потенцијални обвинувања внатре во земјата дека соработува со Владата во Атина”. Со таа одлука, за Британците повеќе не постоело никакво сомневање дека “македонското прашање за скоро време е ставено во замрзнувач”, имајќи предвид дека тоа прашање за нив било “многу комплицирано… и нејасно…”
Епилогот од целата оваа ситуација е сосема јасен. Грција останува и понатаму во таборот на земјите на западната демократија, а железната завеса, од која на еден или на друг начин, имаа потреба и двете суперсили беше спуштена. Од оваа ситуација не беше губитник ниту федеративна Југославија. Таа успеа да се извлече од влијанието на Москва и, благодарение на сериозната западна финансиска поддршка, стана клучен фактор на балансот на силите во Југоисточна Европа.
Сигурно дека од денешна перспектива, седумдесет и пет години по овој настан, може да се заклучи дека како резултат на Граѓанската војна во Грција се појавија двајца губитници: Македонците и Грците. Но, за разлика од Грците кои го изгубија тешко стекнатото национално единство, дотогаш Макдонците ја изгубија својата супстанција. А губењето на националната супстанција, губењето на историското живеалиште, е нешто што не може да се надомести ниту по седумдесет и пет години. Тоа го искусија жртвите на глобалната, регионалната и локалната политика – децата бегалци, денес дедовци. Ни должни ни виновни го понесоа најголемиот животен товар. Траума која ги прогонува целиот живот. Раселени во повеќе земји на Источна Европа го избегнаа ужасот на војната, но ја искусија и неможноста да се вратат на своите родни огништа. Тоа во основа беше и реализирање на идејата на британскиот амбасадор Липер кој во ноември 1944 година предложил да се иселат 120.000 Македонци од Егејска Македонија. Тоа не успеало во 1944 година но, во Граѓанската војна во Грција тоа, делумно, се реализира.
А дали ние нешто научивме од историјата? По се’ изгледа не! Ако за она што се случи во Граѓанската војна во Грција со Македонците, а во тој контекст и со децата бегалци, го обвинуваме Јосип Броз Тито и зборуваме за геноцид, прашањето е, што е она што се случи со потпишувањето на договорот со Бугарија и Грција, а во кои се напушта грижата на македонската држава за македонското малцинство во тие држави. Според договорот со Грција повеќе таму нема Македонци, има народ кој зборува јазик различен од грчкиот. Дали со овој акт, со тек на време ќе го оставиме овој дел од македонската историја на буништето на историјата и ќе го заборавиме, како никогаш да не се случило? Она што ни се случува денес со амин на нашите стратегиски партнери САД и Европската унија е авто етно-национален геноцид кога самите меѓу себе се уништуваме, и за тоа имаме формирано и историски комисии кои треба да ни ја рекомпонираат колктивната меморија, а со тоа и историјата.
Дека ништо не сме научиле од историјата го покажува апелот на група Македонски студенти од Софија (1930) кои поради секојдневните убиства меѓу Македонците истакнуваат: “Ќе ја оставиме ли Македонија да загине од Македонците за партиски и државни интереси… Да се дигнеме сите како еден. Да си подадеме рака и со заеднички напори во сојуз… Удри дванаесеттиот час и ако навреме не се сретнеме, не чека пропаст… Македонци на нога!“
Кој не учи од историјата ја повторува како фарса!“
©Македониум