МАКЕДОНИЈА Е И НАША ТАТКОВИНА

Oсвен Македонците во Албанија, не знам дали некој друг ќе ги прочита овие редови и дали ќе допрат до вистинските луѓе, кои веќе дваесет години се расправаат со името на нашата заедничка мајка Македонија.

Јас сум од Мала Преспа, а може да бев и од Гора, од Голо Брдо, од некој од градовите каде сме распрснати и живееме ние Македонците низ Албанија. Можеше да бидам од егејскиот или од пиринскиот дел на Македонија, а можеше и да бидам од некои од европските земји или од прекуокеанските држави каде сме иселени ние Македонците, токму затоа што не си создадовме услови за пристојно да можеме да живееме во нашата убава Македонија. Можеше да живеам каде било и да пишував како и сега. Не е важно каде живеам, но важно е дека сум Македонец и имам право и должност да се грижам и да придонесам за се што е во врска со Македонија. Имам право да се гордеам со неа и да се радувам на нејзините добрини и убавини со целиот мој народ.

Ние Македонците во Албанија сме организирани во македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и немаме право да се мешаме во тоа кој ќе раководи со денешниот дел на слободна и независна Македонија, но имаме право да се грижиме за да напредува нашата земја, нашата татковина. Сакаме да биде слободна, целосна и развиена, бидејќи само така ќе ни биде поарно во Албанија и на сите Македонци во светот; само така ќе се исполни и аманетот на нашите патриоти, на сите паднати Македонци од сите времиња, кои го дале својот живот за слободна и развиена Македонија. Токму затоа и ние во Албанија секојдневно живееме со проблемите на татковината. Сакаме на чело на Македонија да стојат добри и храбри личности, вистински синови на Македонија со кои ќе се гордееме и ние низ светот. Од оваа гледна точка, ние слушаме и гледаме како напредувала нашата татковина за овие Дваесет години од нејзината независност, Во различни периоди на владеењето на неколку променети влади од различни политички опции. Знаеме и гледаме како ја граделе и како ја градат и едните и другите и третите нашата заедничка татковина, која треба да личи на една вистинска Македонија за која сонувале и се бореле нашите претходни генерации.

Од овие причини, тргнувајќи од уставот на Република Македонија и од европските и светските конвенции за правата и слободите на човекот и на малцинствата, ние Македонците во Албанија сме загрижени за сите проблеми што другите соседи, па и Европа и светот без никакво право и оправданост му ги наметнуваат на нашата татковина, за да ја докусурат и неа, да ја обезличат, па дури и да ја избришат од светската карта на државите и народите.

Тргнувајќи од овие горчливи факти, ние мислиме дека треба една подобра организирана стратегија и тактика, која цврсто ќе се потпира на темелните вредности на нашата прастара татковина и ќе не обедини сите Македонци во едно поголемо и поцврсто единство и согласје, а не да работиме како досега, така што еден чука на клинецот, а другиот на потковицата, еден гради, друг руши, еден се бори за татковината, а другиот го кодоши…

Проблемите што имаат врска со нашата заедничка татковина, проблемите како сувереноста на државата, територијалната целовитост, името, јазикот, верата, културата и сè друго на Македонија, не се ексклузивно право на една група Македонци кои живеат во денешниот дел на слободна Македонија или во друга држава во светот каде сме распределени и живееме распарчени токму од тие европски и светски касапи. Тие проблеми се заеднички и се решаваат само ако се ангажираат сите Македонци низ светот, па и во слободниот дел на татковината.

За проблемот на името на нашата татковина се дискутира речиси 20 години, се дискутира што и како да му се смени и како да се нарекува поинаку, а не како досега што се викала Македонија. За такви промени на името имаат право да се расправаат и да дискутираат сите што навистина сакаат да му го сменат името на Македонија. Имаат право да дискутираат сите претставници на Европа, сите претставници на светот, сите заедници што живеат во делот на слободна Македонија, а нас Македонците низ светот ни кој не не прашува. Добро бе луѓе, чија е таа Македонија за која се расправа да и се промени дури и името, бидејќи така сакала Грција и само така се можело да се оди во Европа, во таа Европа која секогаш и го копала гробот на Македонија? Кој е тој маж Македонец или таа група Македонци, која е таа генерација на Македонци кои имаат право да си играат со името на Македонија, име што целиот свет знае дека самиот Бог и го дал?…

Со која логика одат оние Македонци од денешна слободна Македонија, кои мислат дека не е никаква загуба ако се промени нешто во името на Македонија само за да се влезе во Европската Унија? Дали овие луѓе се запрашале што ќе биде со нас Македонците во соседството и во светот, што ќе бидеме ние понатаму? Која ќе ни биде матична држава?… Или ич не им е гајле за Македонците кои се надвор од границите на денешна слободна Македонија? Добро, за нас не им е гајле, но за пролеаната крв и за гробиштата на нашите предци, кои сè уште лежат на територијата на денешна Македонија, што ќе речат пред нив? Како ќе се оправдаат пред стотиците партизани кои војувале во редовите на македонските бригади против фашистичките окупатори? Што ќе речат пред 16-годишното овчарче од село Глобочени кое падна со македонското знаме во рацете во Битолско? Со кое име и за која татковина напаѓале против непријателот и гинеле партизаните Мире Андон и Павле Вурмо од село Туминец, Трајан и Митре од Пустец, Вело од Горица и други?

Ние, Македонците од Албанија, тука сме и чекаме. Чекаме да ни се отвори простор и хоризонт пред нас и ние да го дадеме нашиот придонес за доброто на нашата татковина, на нашата матична држава Македонија, за доброто на сите нас без разлика каде живееме.


Спасе Мазенковски
Леска, Мала Преспа, Септември 2010 година