Утврдена динамиката за почеток на предавањата по македонски јазик на Универзитетот во Тирана

Во просториите на Деканатот на Факултетот за странски јазици се одржа подготвителен состанок со деканката проф. д-р Есмералда Кромида и продеканката проф. д-р Дрита Рира, одговорна за меѓународна соработка од една и проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска и македонскиот амбасадор Данчо Марковски.

Проф. Мојсова – Чепишевска ја презентираше програмата на Филолошкиот факултет и во таа насока начинот на организирањето на лекторатите по македонски јазик. Информираше дека се преземени неопходните активности за избор на лектор. Го потенцираше значењето на Меѓународниот семинар по македонски јазик кој постои 56 години. Изрази спремност за прифаќање на учесници на истиот во текот на месец август. Ја потенцираше заинтересираноста за почеток на предавањата за следната 23/24 школска година, со цел постепено подигање на неопходните нивоа.

Деканката Кромида поздравувајќи ја иницијативата на македонскиот амбасадор Марковски истакна дека во следните недели очекуваат номинирање на кандидат – лектор со цел итна изработка на неопходниот курикулум и другите документи неопходни за организирање настава. Потенцирање дека Факултетот од своја страна ќе преземе активности за популаризација на македонскиот јазик меѓу студентите и негово поставување во програмата на распоредот на предметите. За почеток предложи во првиот семестар утврдување на 4 кредити, а согласно развојот на интересот ќе се зголемува програмата со вклучување на македонски јазик и култура. Потенцираше дека со иницијативата е запознаен и ректорот на Универзитетот.

На средбата беа разгледани и други прашања и иницијативи од заеднички интерес.

©Македониум