Македонскиот министерот за правда Кренар Лога испрати дописи до Амбасадата на САД во РСМ, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ и Програмската канцеларија на Советот на Европа со кои ги информира за неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Република Бугарија.
Во дописот кој е испратен заедно со 14-те пресуди посочено е дека Министерството за правда бара поддршка од меѓународната заедница во делот на унапредувањето и заштитата на човековите права. Исполнувањето на оваа цел подразбира постоење на континуирана заложба и за доследно почитување на меѓународните обврски кои Република Македонија ги има превземено како земја која моментално е во процесот на евроинтеграции.
Почитувањето на меѓународни документи е исклучително важен сегмент за кој особено земјите членки на ЕУ, но и земјите кои претендираат да добијат членство во ЕУ е неопходно да се залагаат.
Меѓународната заедница претставува исклучително важен партнер на Република Македонија кој е вклучен во сите реформски процеси и партнер кој несомнено цврсто и доследно се залага за почитување на владеењето на правото.
Оттука, Министерството за правда смета дека е од особена важност да се актуелизира прашањето за неспроведувањето на пресуди на ЕСЧП , истакнувајќи ја потребата од поддршка од меѓународната заедница за доследно спроведување на пресудите на судот.
©Македониум