Македонците од Бугарија упатија отворено писмо до претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лејен и премиерите на Бугарија и Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, во кое сигнализираат за систематско прекршување на човековите права на територијата на Европската Унија.
Истакнувајќи, дека додека во македонското општество трае процесот за формирање на комисија за внесување на Бугарите во Уставот, кои и досега ги имале сите човекови и малцински права на здружување, за Македонците во Бугарија овие суштински права остануваат недостижни.
„Од 2000 година, кога беше донесено решението 1 на Уставниот суд на Република Бугарија да ја стави надвор од законот македонската партија ОМО „Илинден“-ПИРИН, иако според Европскиот суд за човекови права(ЕСЧП) (со решение од 2005 година по нашата жалба 59489/2000), тоа не е потребно во услови на демократско општеството, нашето малцинство во целина е забрането со сите последици. Историски, овие права ни беа одземени веќе во 1963 година, но оние од 2000 година, спроведени во демократскиот период на Бугарија, конечно ставија крај на нашите демократски илузии и се вративме на реалноста од 1963 година, формулирана од „преродбеникот“ Тодор Живков. Денес, наспроти условите за членство на Република Бугарија во Европската Унија, бугарските власти и понатаму се противат да ја прифатат објективната реалност за постоење на етнички Македонци во Бугарија, што јасно се виде на 30.10.2022 година, на отворањето на македонскиот Културен клуб во Благоевград. Државата, бидејќи немаше легитимни средства, избра да не спречи на нелегитимни начини да одржиме настан дозволен со закон. Кога беше уништен излогот на клубот, бугарските институции не најдоа демократска волја да го осудат нападот. Приговорите до обвинителството за незаконски дејствија очекувано не беа уважени“, стои во отвореното писмо.
Во него се додава дека од 14 жалби уважени од ЕСЧП има нула имплементација од страна на државата, во Република Бугарија зборот македонски е забранет, а иако постоењето на Македонците е во согласност со бугарските и европските закони, тоа е во целосна спротивност со односот на бугарските властите кон Македонците.
„Збунети сме од одлуката на Европската Унија насилно да наметне решение за балканската криза во европроширувањето, вклучувајќи обезбедување на дополнителни права на македонските Бугари со нивно вклучување во Уставот на Македонија, притоа целосно игнорирајќи го „македонското прашање“ во Бугарија. Унијата беше должна реципрочно да ги заштити основните човекови права, да го исполни чл. 2 од „Договорот на Европската Унија“ за човекови права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата. Покрај тоа, ние, како граѓани на Република Бугарија, сме граѓани на Унијата“, се наведува во отвореното писмо.
Унијата, додаваат, беше обврзана да ја почитува практиката на Европскиот суд за човекови права и основни слободи, бидејќи секое дејствување на ЕУ се заснова на Договорите
„Апелираме до ЕУ да се заинтересира за статусот на Македонците во Бугарија и да инсистира бугарската држава да ги обезбеди универзалните малцински права и недискриминација, дефинирани во чл. 6 од самиот Устав на Бугарија, дека не се дозволени ограничувања и привилегии на етничка основа. Ќе поднесеме тужба пред судот на ЕУ“, стои во отвореното писмо на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ Благоевград.
Поддршка за нивните барања дадоа и други македонски организации од Бугарија: Здружението „Антички Македонци“, Партијата „ОМО „Илинден“- ПИРИН“, Партијата ОМО „Илинден“, Здружението на репресирани Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за Заштита на основните индивидуални човекови права, Здружението Македонски клуб за етничка толеранција во Република Бугарија и Здружението Клуб за човекови права „Толеранција“.
©Македониум