Албанската владејачка Социјалистичка партија (СП) ги објави имињата на кандидатите за градоначалници со кои ќе настапи на локалните избори што ќе се одржат на 14 мај годинава.
Политичкиот координатор на партијата за Округот на Корча и министер за одбрана Нико Пелеши во изјава за медиумите во Тирана ги престави кандидатите за градоначалници во општините во овој округ и го официјализира заедничкиот настап со Македонска алијанса за европска интеграција.
– Во Пустец имаме мала, но важна општина затоа што е малцинска општина, една заедница, македонско малцинство, живее и работи таму. Тие се една заедница што е додадена вредност во мозаикот на културните, историските, етнографските и јазичните вредности на нашите простори, рече Пелеши.
Додаде дека за општина Пустец потврдена е кандидатурата на актуелниот градоначалник Пали Колефски како заеднички кандидат на СП и МАЕИ.
– Таму сме во партнерство, во алијанса со партијата Македонска алијанса за европска интеграција. Пали Колефски повторно ќе се кандидира како кандидат на Социјалистичката партија, но секако поддржан и во соработка со МАЕИ. Заедно одиме на сигурна победа, изјави Пелеши.
©Македониум