Центарот за Македонски јазик останува во Лерин – судот ги одби тужбите за негово затворање

Историска победа на Македонците во Грција. Вака Димитри Јоану, еден од основачите на Центарот за македонски јазик во Лерин ја коментира пресудата на леринскиот Основен суд, кој ги поништи сите барања да се забрани ова здружение на Македонците во Грција. Центарот е регистриран лани во јули , по што веднаш следеа тужби за негова забрана, поднесени од неколку екстремно десничарски организации и политички партии во Грција, а едно барање беше лично од јавниот обвинител во Леринскиот округ.

-Тоа е голема историска победа за нас, големо правно задоволство што нашата децениска борба вроди со плод. Беше големо изненадување, но и потврда дека сме на добар пат да си ги оствариме нашите човекови права, вели Димитрис Јоану, еден од основачите на Центарот за македонски јазик во Грција.

Првото судење беше одржано на 16 февруари, а од Центарот за македонски јазик велат дека ги претставија своите аргументи, меѓу другото, и со презентирање на докази за признавањето на македонскиот јазик од страна на грчката државата пред повеќе од еден век. Судот сите барања за забрана ги одби како неосновани и неприфатливи, со што Центарот за македонски јазик во Грција останува законски регистрирана невладина организација.

-Се обидуваме да го негуваме и унапредуваме македонскиот јазик да притиснеме да влезе во основно, средно и високо образование во оние места каде што се зборува. Некогаш ни изгледаше дека овие цели се тешко остварливи, но работите полека се менуваат, а оваа судска одлука го потврди сето тоа, вели Јоану.

Од Центарот за македонски јазик во Грција велат дека ваквата пресуда иако очекувана од правен аспект, сепак е пријатно изненадување ако се имаат предвид досегашните состојби во Грција и ја поздравија одлуката судијата кој ги отфрли барањата и тужби за забрана ова здружение на Македонците во Грција.

Телма