ПОМЕН ЗА ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА

Простуваме, но не забораваме… Денес Еврејската заедница во Македонија одбележува 80 години од холокаустот на 7.144 Евреи од Македонија за време на Втората Светска Војна. Сеќавањата за ова злосторство против човештвото врз Евреите во Македонија се’ уште се свежи. Никогаш нема да се заборават грозоморните слики од оваа трагедија.

Фашистичка Бугарија во Втората Светска Војна депортира повеќе од 11.000 Евреи од територијата на поранешна Југославија и Грција.

– Пред осумдесет години, од скопскиот монопол во логорите на смртта, во Треблинка, во окупирана Полска, бугарскиот фашистички окупаторски режим депортира 7.144 Евреи од Македонија. Македонците по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, сочувствуваат со Еврејскиот народ за оваа трагедија во Втората Светска Војна, затоа што и Македонците беа жртви на геноцид во Првата и Втората Балканска Војна, Првата и Втората Светска Војна и Граѓанската Војна во Грција. Од бугарскиот парламент очекуваме резолуција со која Бугарија ќе се извини за депортацијата на Евреите од Македонија. Тоа не ги враќа жртвите, но придонесува во помирувањето и простувањето меѓу народите од овие простори заради злосторствата во историјата, – изјави претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.

Денес се полага свежо цвеќе на спомен-обележјето за депортацијата на Евреите од Македонија во дворот на Тутунскиот комбинат во Скопје.

Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле уапсени сите Евреи во Македонија и пренесени во Монополот во Скопје, денес Тутунски комбинат, кој тогаш бил привремен концентрациски логор во Македонија. Сиот имот на Евреите им бил одземен, а накитот и парите конфискувани. Потоа повторно биле натоварени во вагони и транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта Треблинка, каде што биле егзекутирани. Во Треблинка биле убиени 98 проценти од целата популација на Евреите во Македонија, што претставува најголем процент во холокаустот.

Во спомен на депортираните македонски евреи, делегација на Република Македонија во 2008 година во логорот Треблинка постави обележје со натпис “Македонија“, а во Македонија е отворен Музеј на Холокаустот во 2011 година на местото на поранешното Еврејско маало помеѓу мостот “Гоце Делчев“ и Камениот мост.

Вечнаја памјат и Бог да ги прости убиените Евреи од Македонија, мир на нивните души во Царството небесно меѓу праведниците, било да не се повтори… Амин…

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС