Има повеќе легенди за потеклото на името на ова денес најзаборавено село, кое се наоѓа во најисточниот дел на Албанија, а некогаш му припаѓаше на Македонија, на Егејска Македонија до таа пуста 1913 година, кога се распарчи и цела Македонија.
Сега Врбник тука останато пусто, во оваа сепак убава и плодна долина, од сите страни обиколено со планини и ридишта, кои со години се исечени и испустени, скоро целосно покриено со староста и сиромаштијата, ова македонско село, ти се чини како да ги брои последните дни или можеби се занимава со легендите за потеклото на името (според кои, името дошло од една голема врба покрај чешмата среде село од која некогаш течеше безмерно студена вода или од појасот високи врби кој се протегаше покрај реката под селото…) или можеби се занимава со спомените за некогашниот убав селски живот, кога се славеа Велигден, Ѓурѓовден и ред други верски празници, кога се славеше роденденот на новороденчињата или се правеше свадба, која личеше на селска свадба, на која се играше и пееше на македонски цели денови од вечер до зори; можеби
ги спомнува уште подалечните периоди од животот пред тринаесеттата, кога селаните се збратимуваа со другите егејски села што денес се под Грција, како што се Вембел, Смрдеш, Рула, Габреш и други села, од кои се посветувале, се љубеле и се земале младите, се правеле свадби, венчавки, крштенки и сe друго на македонски начин, а гајдите, зурлите и тапаните ечеле и ечеле без престан нив овие ридишта и планини, низ овие прекрасни, плодни долини, правејќи го животот убав и среќен за живеење.
Е, колку убави и среќни спомени има ова старо село, толку има и лоши и горчливи спомени, кои се лечеле со текот на времето. Се лечеа горчливите спомени за тоа како ова село се откина од пазувите на Македонија, се откина од стеблото македонско и остана само. Се лечеа спомените од пустата страшна грчка Граѓанска војна, која заврши со целосно уништување на Македонците и во деловите под Грција, а селото Врбник, чекајќи ги и праќајќи ги своите браќа и сестри Македонци во долгиот непознат пат, сите оние илјадници што успеале да ја преминат границата и да куртулат од грчкиот куршум, боледуваше и офкаше во долината поради пострашната судбина што ги дочека Македонците од Вмбел, од Габреш, од Руља, од Лерин, од Воден, од цела Егејска Македонија. И тогаш, и само тогаш Врбник му се предаде на својата судбина, која ја кроеше и се уште ја кројат тие, другите, тие што немаат ништо заедничко со Врбник, а ја имаат власта над него бидејќи така било пишано, бидејќи е и остана македонско.
И Врбник почна да го живее новиот живот, во новите услови диктирани од другите. Храброста, мудроста и љубовта за животот ги претвори селаните на Врбник во луѓе што знаат да се приспособуваат и да напредуваат во животот и во потешки услови. И успеале. Успеаја да се образуваат и да станат учители, инженери, лекари, агрономи, доктори на науки, па дури и раководители на врвни места на локално и централно ниво на Албанија. Успеаја и да и се спротивстават на албанската асимилаторска диктатура тогаш кога сакаше да му го промени и да го албанизира името на селото така како што направи и со имињата на селата во Преспа под Албанија. Успеаја да се спротивстават кога сакале да ги албанизираат и имињата на новороденчињата итн. Успевале секогаш, ама, за жал, не можеа да го изградат селото и да ги подобрат тешките услови за живот, па повеќето од нив, особено младата генерација, го запуштија селото и тргнаа низ светските патишта.
Тргнаа во сите правци се со цел да најдат подобар живот. Денес ова некогашно гордо село, ова село – столб на храброста и јунаштината македонска, како да тоне во мрачниот пекол, како да седи и да ги брои последните дни, можеби си ги спомнува и си ги прикажува легендите за потеклото на името на селото, легендите за основањето и основачите на селото, легендите и приказните за минатите добри и среќни времиња, кога пазарџиите пазарувале во Лерин, во Костур, во Воден, во Солун од каде што носеле свила и коприна за убавите моми и невести и суво грозје за дечињата. Можеби… Можеби така тајно, се уште со голема надеж за еден посреќен живот Врбник повикува да се вратат синовите и ќерките, да го разубават и развеселат селото, да раѓаат деца што повеќе и селските улици да вријат од нив, од радоста и од песната на децата, од блеењето на овците и јагнињата, од кравите и коњите, од… од се што е селско, што е радосно и среќно, што те полни со надеж за животот да продолжи понатаму така, среќен, убав, на македонски начин…
Јане Ѓамо