Претставничката на македонската заедница во Албанија, во Комитетот за национални малцинства, Марјана Костофски, побара од Централната изборна комисија (ЦИК) едукација за локалните избори да има на нивниот мајчин јазик за Македонците каде што нивната концентрација е поголема.
-На средбата што ја имавме, како претставници на Комитетот, со претседателот на Централната изборна комисија, Илиријан Целибаши, ја поздравив одлуката на комисијата да биде испечатен едукативен изборен материјал, на јазиците на малцинствата, вклучително и на македонското. При тоа побарав едукација да има и за Македонците во другите области, Голо Брдо, Гора, како и градовите каде концентрацијата е поголема, рече Костофски за МИА.
Исто така, ја поздравила и итната корекција од страна на комисијата во едукативен постер каде македонската заедница во Албанија беше именувана како „национално малцинство на Македонија“. По забелешките на нас Македонците, додава таа, веднаш беше извршена корекција и сега стои терминот „македонско национално малцинство“, како што официјално се признава во Албанија.
Како што ЦИК објави на официјалната страна, Целибаши со претставниците на малцинствата разговарал за „изнаоѓање најдобри средства и начини за информирање и едукација на малцинствата на нивниот мајчин јазик за изборните прашања“.
-ЦИК целосно го признава и почитува ова нивно основно право. Степенот на демократија во една земја и степенот на развој на едно општество во голема мера се детерминирани од тоа како таа земја и тоа општество се однесува кон малцинствата, рекол тој.
За средбата, која минала во пријатна и конструктивна атмосфера, според Костофски, од име на комитетот, се заблагодарил потпретседателот Сеад Казанџиу, кој е претставник на ромското национално малцинство.
ЦИК за локалните избори што ќе се одржат на 14 мај, за првпат во историјата на изборните процеси во Албанија, одобри посебна програма за информирање и подигање на свеста на гласачите-припадници на националните малцинство во Република Албанија.