ЗА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

На 21 февруари, Македонците го слават денот на Македонскиот јазик. Иако ми е мака да пишувам за афирмацијата на македонскиот јазик, за кој денес во Македонија говорат сите живи Македонци и Македонки, не е одвишно за оние кои не слушаат или гледаат, да напишам неколку реченици.

Ја сумирам целата историја на Македонија во неколку реченици. Иако Македонците и Македонките од памтивек зборуваат на своите дијалекти (говори), подоцна обликувани во стандардниот македонски литературен јазик, воведувањето на македонскиот народен јазик во литература, поврзано е со активноста на првите писатели на поновата македонска литература, Јоаким Крчовски и Кирил Пејчинович.

Нивните пишани текстови покажуваат одредена врска, подобро речено преплетување на црковно словенскиот и народниот македонски јазик. Со оглед на тешката ситуација со Турците, сепак Македонците во шеесеттите години на 19 век го покренуваат прашањето на Македонскиот јазик. Во овој период постојат многу застранувања и лутања, зависно од влијанието на странските и туѓи власти во Македонија. Една група заговараше бугарско-македонски литературен јазик, додека “македонистите“ втората групација го застапуваа ставот дека Македонците се посебен народ, и како такви имаат право да изградат свој јазик, без никакви додатоци на други јазици.

Тоа беше вовед во бурен период во македонската историја, почеток на будењето на националната свест, што беше фаворизирано со повторно отворање на Охридската Архиепископија, како центар на оригиналната Македонска црква. Во тоа време, значи во шеесеттите на 19-от век, Константин Миладинов ја напишал поезијата на народен јазик и струшки дијалект, додека Ѓорѓи Пулевски ги испиша своите визионерски реченици во 1875 година: Македонците се народ а нивното место е Македонија!

Раздорот, конфликтот на мислења и странските влијанија во Македонија, теоретски ги разбива Крсте Петков Мисирков, во неговиот текст “Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“, каде што тој посочува дека во темелите на македонскиот литературен јазик треба да бидат централните говори на Македонија, додека во однос на ортографијата, тој се залага за примена на фонетскиот принцип покрај одредени отстапки на етимологијата и верува дека во речникот треба да се користат зборовите од сите делови на Македонија.

Остана историјата, официјалниот чин на признавање на македонскиот јазик кој се случи во 1944 година во манастирот Прохор Пчињски, на првото заседание на Анти-фашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија. Македонските лингвисти и писатели иницираа силна активност. Се основаа весници на Македонски јазик, Литературен зборник, Зборник на Филозофскиот Факултетот.

Се печати граматика на македонскиот јазик, речник на македонскиот јазик, на чии основи се разгранува и развива исклучително богата, разновидна и светска – призната македонска литература. Ја читав оваа литература со години, затоа што тоа беше моја работа, дури некое време го предавав македонскиот јазик врз основа на граматиката на Блаже Конески. Значи, повеќе од четириесет години, јас сум активен учесник во афирмацијата на македонскиот јазик и литературата, што ја потврдив како македонист во Хрватска. Јазикот е живо суштество, тој се развива, се разгранува, се обновува, со еден збор тој е неуништлив. Затоа, залудни се напорите на свирачите, сите вие кои сакате да го нема македонскиот јазик, залудно. No pasaran!

Горан КАЛОЃЕРА
Универзитетски професор и македонист во Хрватска