Османи: Денеска го испративме првиот дел од помошта за Македонците во Албанија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска најави дека припадниците на македонската заедница во Албанија ќе добијат помош од Македонија. Османи рече дека оваа помош доаѓа по посетата што ја имаше во Пустец и Требиште во август минатата година, каде се сретна со преставници на Македонска алијанса за европска интеграција и Македонските здруженија и согласно заклучоците на Владата кои произлегоа од посетата.

– Денеска го испративме првиот дел од помошта за Македонците во Албанија, според Акцискиот план подготвен по мојата посета на Требишт и Пустец, во август минатата година. Ученички ранци, училишен прибор за повеќе од 130 ученици и печки на дрва е дел од помошта што утрово беше упатена за Македонците во Албанија, донација на Министерството за образование и наука. Благодарност и до Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, кое на барање на Македонците од Голо Брдо обезбеди булдожер за расчистување на снегот и истиот многу брзо ќе биде испратен“, рече Османи.

Шефот на дипломатијата нагласи дека Македонија ќе продолжи со обезбедување на поддршка за припадниците на Македонското национално малцинство во Албанија, како преку конкретна помош како денешната опрема за училиштата, така и преку поширока институционална поддршка за заштита и промоција на нивните јазични и културни особености во Албанија.

©Македониум