Комитетот на министри на Советот на Европа ги повика властите во Бугарија да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да дозволат регистрација на здруженија кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија. Комитетот на министри од 6-ти до 8-ми декември ги разгледуваше неспроведените одлуки на судот во Стразбур и меѓу нив донесе одлука и за македонските здруженија во Бугарија кои уште пред 16 години го добија првиот случај на ЕСЧП против Бугарија. Оттогаш во Стразбур има повеќе пресуди во корист на Македонците од Бугарија.
„Силно сме против фактот што и покрај усвојувањето на времената резолуција во 2020 година и последователните одлуки, повеќе од 16 години по првата финална пресуда од оваа група, на здруженијата кои имаат „за цел да остварат признавање на македонското малцинство“ продолжува рутински да им се одбива регистрација главно поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели и се соочуваат со постојана пракса од страна на властите кои наоѓаат нови основи за одбивање иако документите за регистрација се неколку пати разгледувани“, стои во точка 2 на одлуката на Комитетот на министри за случаите: ОМО Илинден и други против Бугарија од 2006 година, ОМО Илинден и други против Бугарија од 2011 година, ОМО Илинден и други против Бугарија од 2018 година, Јордан Иванов и други против Бугарија од 2018 година, Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија и Радонов против Бугарија од 2020 година и Василев и Друштво на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор против Бугарија од 2020 година.
Комитетот на министри ги повика конкретно бугарската Агенција за регистрација и надлежните судови да постапуваат согласно членот 11 од Европската конвенција за човекови права, кој што предвидува слобода на здружување без ограничувања. Доколку македонските здруженија имаат грешки во формуларите, надлежните бугарски институции треба да им помогнат, а не да ги отфрлат апликациите за формирање на здруженија.
„Ги повикуваме властите да ги преземат сите потребни мерки за да се усогласат со времената резолуција од 2020 година и последователните одлуки, посебно да осигураат дека секое ново барање за регистрација од страна на здруженијата ќе биде разгледано во согласност со членот 11 од Европската конвенција за човекови права и со обврска да им се дадат инструкции за исправка на документите за регистрација. Агенцијата за регистрација и надлежните судови да не одбиваат регистрација на здруженија кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија“, се вели во одлуката.
Комитетот на министри ќе изврши контрола на спроведеното од овие препораки и во септември 2023 година.
Комитетот на министри го сочинуваат министрите за надворешни работи на земјите членки на Советот на Европа и го надгледува спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
©Македониум