ЦЕНТАРОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ОФИЦИЈАЛНО РЕГИСТРИРАН ВО ГРЦИЈА

Центарот за македонски јазик во Грција информира дека официјално е регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција. Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули годинава, а одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември.

Последните административни работи поврзани со регистрацијата беа завршени минатата недела, при што судот официјално го одобри и статутот на организацијата.

Центарот за македонски јазик во Грција упатува јавна благодарност до адвокатот Кирос Спондис, за успешното окончување на целата постапка околу регистрацијата и впишувањето на организацијата во судскиот регистар на невладини организации.

„Сакаме да нагласиме дека во случајов станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција. Воедно, значаен е и фактот што судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик – при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо. Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година, кога ќе потсетиме дека македонскиот јазик бил наведен како јазик што го зборува дел од населението во одредени региони.

Ваквото достигнување не претставува крај, туку почеток на кампањата за целосно признавање на македонскиот јазик во Грција“, соопшти Центарот за македонски јазик во Грција и најавува дека во наредниот период ќе се насочи кон исполување на своите цели од статутот.

Во Статутот на оваа невладина организација пишува дека нивни цели се изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција, преку интернет-страница, поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и средни) и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија, поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.

„Ги повикуваме сите говорители на македонскиот јазик и неговите богати дијалекти во Грција, како и сите демократски ориентирани граѓани во државата, да ни се придружат во нашите напори за постигнување на соодветно и официјално признавање, кое сите ние го заслужуваме. Македонскиот јазик е наше минато… и наша иднина“, се вели во соопштението на Центарот за македонски јазик во Грција.

©Македониум