Одбележана 78 годишнината од формирањето на Првата Егејска Македонска Ударна Бригада

Денеска во Битола се одржа традиционалното чествување на 78 годишнината од формирањето на Првата Егејска Македонска Ударна Бригада.

Пред присутните претседателот на Сојуз на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – Македон, Александар Јаневски одржа пригоден говор кој го пренесуваме во целост:

Почитуван заменик градоначалник на општина Битола, господин Бојан Бојковски

Почитуван градоначалник на општина Новаци, господин Стевче Стевановски,

Почитуван градоначалник на Општина Новаци, господин Драганчо Саботковски,

Почитуван Претседател од Сојуз на Борците Битола,

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки,

Длабок поклон пред борците од Народно-солободителната и антифашистичката војна на Македонија во Втората Светска Војна, вечна им слава на загинатите за ослободувањето и обединувањето на Македонија.

Годинава одбележуваме 73 години од крајот на таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година, 73 години од насилното прогонство и геноцидот врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција!

Денес одбележуваме 78 години од формирањето на Првата Егејска Mакедонска Ударна Бригада. На 18 ноември 1944 година на ова место, пред Пожарната во Битола, од Леринско-Костурската Народно-Ослободителна Бригада, Воденскиот Македонски Баталјон и дел од Бригадата “Гоце Делчев“ беше формирана Првата народно-ослободителна ударна бригада од Егејскиот дел на Македонија, која влезе во составот на Народно-ослободителната војска и партизанските одреди на Македонија! Настанот е овековечен со спомен-плоча на чешмата до Пожарната во општина Битола!

Формирањето на Првата Егејска Mакедонска Ударна Бригада е значаен настан во поновата историја на Македонија, нејзините борци се пресметаа со балистите во Западна Македонија, со соработниците на италијанските, бугарските и германските фашистички окупатори.

Се разбира, ослободувањето на Македонија е дело на македонските партизани! Македонските партизани не беа комунисти туку антифашисти! Антифашистичкото Собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ од 2 август 1944 година, е круна на Илинденското востание од 2 август 1903 година.

За жал, со таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година, како продолжение на Втората Светска Војна, довчерашните сојузници, Британците, влегоа во војна со партизаните од ЕЛАС, повторно мобилизирани во Демократската армија на Грција – ДАГ. Британците ги вратија монархофашистите на власт во Елада, а тие жестоко се пресметаа со Македонците и го продолжија етничкото чистење во окупираниот дел од Македонија.

Почитувани, на денешен ден, помен заслужува и Андреја Чипов, еден од најмаркантните фигури во Егејска Македонија и Грција, во ЕЛАС, Комунистичката партија на Грција и ВМРО Обединета, роден во 1904 година во леринското село Пателе (денес Агиос Пантелејмонас), во Егејска Македонија. Во текот на дваесеттите години на дваесеттиот век, Пателе станува центар на КПГ во Егејска Македонија, која активно содејствува во подготвителните работи за организирање на ВМРО-Обединета за Егејска Македонија.

Во 1935 година, Андреја Чипов учествува на Седмиот конгрес на Комунистичката Интернационала во Москва.
На последните предвоени парламентарни избори на 31 јануари 1936 година, Чипов бил избран и за пратеник во грчкиот парламент. Тој е еден од 15-те пратеници на листата на КПГ. Според негово кажување, на избирачките списоци крај неговото име во графата занимање пишувало Македонец!

Во овој период, раздвижувањето на прогресивните маси ќе ја уплаши грчката владеачка елита, а Атина ќе побара излез со воведување на диктатура.

Во почетокот на август 1936 година, генералот Метаксас прогласува вонредна состојба, го распушта парламентот, го суспендира Уставот и заведува диктатура. Новиот режим ја стави вон закон КПГ и пристапи кон масовни прогони, апсења и интернирања на функционери и активисти на КПГ и на ВМРО-Обединета.

По излегувањето од затвор, Чипов се зафаќа со реорганизирање на десеткуваната КПГ. На почетокот на јули 1941 година во Атина, подоцна наречен Шести пленум на ЦК КПГ, се формира “Нов централен комитет“. Во согласност со одлуките на партиското раководство во Акронавплија, Чипов е избран за генерален секретар на КПГ. На овој состанок се издава директива за вооружен отпор против германските, италијанските и бугарските окупатори.

На чело на партијата Андреја Чипов останува до јануари 1942 година кога е одржан Осмиот пленум на ЦК на КПГ. На овој пленум за генерален секретар е назначен Јоргос Сиантос, а Чипов е избран во Политбирото на партијата и е поставен за секретар на Обласниот комитет на КПГ за Пелопонез.

Андреја Чипов и покрај сите непријатности, тешкотии и опасности, останува со партијата во најтешките и најопасните моменти од нејзиното постоење.

Набргу Андреја Чипов станува еден од раководителите на ЕЛАС. За време на Граѓанската војна, Чипов е активен во Народно ослободителниот фронт, а по поразот на Демократската армија на Грција пребегнува преку границата во Битола. Во Битола живее до 1956 година, кога умира. Закопан е на гробиштата до црквата Света Недела во Битола. Лесна му земја и вечна му памјат. Амин!

Почитувани, никогаш да не заборавиме, дека таканареченото егејско прашање не се само децата бегалци од 1948 година, туку и насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година. Остануваме посветени на трајно решение на Македонското прашање и на унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и во цела Грција, како и на враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци и нивните потомци од Првата и Втората Балканска војна, Првата и Втората Светска Војна и Граѓанската Војна во Грција. Простуваме ама не забораваме, бараме извинување и репарации!

Нека херојската борба на генерациите пред нас, на ајдутите, комитите и партизаните, ни биде патоказ како се сака татковината и како се гине за слободата и обединувањето на Македонија!

Поради сите жртви и мртви за слободата на Македонија, од ова свето место и на овој свет ден, бараме итно и безусловно еднострано раскинување на Спогодбата Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ и итно и безусловно распуштање на македонско-бугарската и македонско-грчката меѓувладина комисија за ревизија на Македонската историја! Бараме продолжување на членството во Обединетите Нации под единственото државно име Македонија! Почитувани, Бог да ги благослови борците од Првата Егејска Mакедонска Ударна Бригада и нека им дари царство небесно на нивните души каде што почиваат душите на праведниците! Бог да ја благослови Македонија! Амин!

©Македониум