Спасовски во македонската Амбасада во Тирана се сретна со претставници на Македонците во Албанија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го искористи работниот престој во Тирана, каде учествуваше на двете пленарни сесии предвидени за првиот ден посветен на областа Внатрешни работи од годишниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан, и во просториите на македонската Амбасада оствари средба со претставници на друштвата на македонската заедница во Република Албанија.

Претставници од македонските друштва “Сонце”, “Илинден” , “Мир”, Македонци кои живеат во пограничните области, Голо Брдо, Елбасан и Преспа, како и претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, ги претставија нивните идеи и размислувања околу предизвиците со кои се соочуваат во Албанија.

Македонската заедница во Голо Брдо изрази интерес за изнаоѓање начин за продолжување на работното време на Граничниот премин Џепиште-Требиште, кој е од локален карактер и не работи постојано, со што во голема мерка би се подобриле условите за живот на локалното население, изразувајќи благодарност за веќе решениот проблем со електрична енергија на истиот граничен премин.

Министерот Спасовски најави дека заедничката седница на македонската и албанската Влада, која ќе се одржи кон средината на овој месец во Скопје претставува можност за иницирање на решенија за предизвиците на македонската заедница во Албанија, а притоа ги образложи и придобивките кои ќе ги овозможи Отворен Балкан со понатамошна реализација на предвидените активности.

©Македониум