Македонската амбасада во Тирана: Деновите на македонската култура во Корча ја постигнаа својата цел

Од Македонската амбасада во Тирана објавија дека Согласно Програмата за работа на Амбасадата за 2022, во делот на културната и јавна дипломатија, во соработка со Културно информативниот центар во Тирана и поддршка од Министерството за култура, од 27 до 29 октомври, во Корча се одржаа „Денови на македонската култура“.

Манифестацијата по својата содржина имаше образовен, културен и економски карактер.

На настаните учествуваа дваесетина учесници од нашата земја и тоа: професори од Педагошкиот факултет од Битола предводени од деканот Данче Сивакова – Нешковски, делегација од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот предводена од директорот Љупчо Јаневски, потпретседаелот на Сојузот на стопански комори, Сашо Дикоски, Директорот на „НУ Завод и музеј Битола“ Мери Стојанова, Градоначалникот на Ресен, Јован Тозија, Блуз бендот од Скопје, и женскиот хор „Менада“ од Тетово.

Во активностите беше вклучен и претставникот на Македонското национално малцинство и претседател на Македонската алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски кој даде забележителен придонес во реализација на манифестацијата, како и претставничката на Македонското национално малцинство во Комитетот за малцинства на Албанија, Марјана Костофски.

Граѓаните на Корча имаа можност да ги проследат следните настани: Промоција на бесплатни курсеви по македонски јазик; ликовна изложба на уметникот Зоран Кардула; изложба на НУ Завод Музеј Битола „Невестински соништа – касели и ковчези“; музички и хорски настап, како и проекција на документарниот филм „Медена земја“.

Во делот на економската соработка беше одржана средба на претставниците на туристичките агенции од двете земји, на која се разговараше за можностите за меѓусебно поврзување и заеднички настап на трети пазари. Беа разгледани и предлози за регионално поврзување на корчанскиот и охридскиот регион, како и регионот Преспа. На разговорот беше предложена и идејата за воведување автобуска линија Корча – Ресен.

Манифестацијата ја постигна својата цел, со оглед на тоа што за прв пат се организираше во корчанскиот регион. Особено значајно е што во истата беа вклучени и претставници на Македонското национално малцинство.

©Македониум