Во Благоевград се отвори Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“

Во присуство на засилено полициско обезбедување во Благоевград се отвори Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“. Отворањето на клубот го следеа голем број бугарски и македонски новинарски екипи.

Отворањето на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ помина во мирна атмосфера. Единствена провокација беше изложбата со бугарското знаме и слики на Цар Борис Трети, Гоце Делчев, Јане Сандански и други македонски револуционери во организација на ВМРО-Бугарско национално движење на Красимир Кракачанов, наспроти Македонскиот културен клуб, проследено со гласна музика, во намерата да попречи во јавниот ред и мир, да се оневозможи нормалното следење на програмата на организаторите на клубот.

Во просториите на клубот присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин предводени од копретседателот Стојко Стојков, претставници од Македонското друштво “Крсте Петков Мисирков“ од С’ботско од Егејскиот дел на Македонија предводени од архимандрит Никодим Царкњас, членот на Извршниот комитет од единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Јани Колевски, генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на Република Македонија Миле Бошњаковски, делегација на Светскиот Македонски Конгрес, делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски заедно со пратениците Рашела Мизрахи и Драган Ковачки, делегација на Левица предводена од претседателот Димитар Апасиев, делегација на Единствена Македонија предводена од Јанко Бачев, делегација на Интегра – Македонска конзервативна партија предводена од Љупчо Ристески, делегација на ОМД, делегација на ДОМ предводена од Лилјана Поповска, делегација на Демократскиот сојуз, Сашо Маневски од здружението Нов АСНОМ, амбасадорот Ристо Никовски, професорките Наде Проева и Виолета Ачкоска, пејачите Крум Спасовски и Ванчо Тарабунов…

Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ доби донација од 300 книги од писателот Раде Силјан од Книгоиздателство “Матица Македонска“.

– Добредојдовте драги гости, вие сте во нашиот клуб кој го носи името на неповторливиот и бесмртен поет Никола Вапцаров. Нашиот клуб е ранет. Една буква поправивме, но гледате дека фали друга буква. Сакам да изразам благодарност кон нашите браќа од Канада и до Меѓународната организација за заштита на правата на Македонците. Голема благодарност до сите Македонци од Пиринска Македонија кои ни дадоа сила ова да се случи. Благодарност и до Раде Силјан кој објави дека ќе подари 300 тома литература за нашиот клуб, тоа е наше богатство. Цел не беше отворањето на клубот, туку вашето присуство и духот кој не држи ние да се чувствуваме и да работиме за македонската идеја. Тука имаме Македонци од четири држави, имаме поздрави од Америка и Европа. Сакаме да објавиме дека ова е сеопшт македонски собир. Сакаме да изградиме мост меѓу двата народи, ново културно пространство, тоа ни го остави во аманет Гоце Делчев, – истакна Атанас Мазнов во името на Иницијативниот комитет за отворање на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“.

– Македонија нема територијални претензии кон Бугарија, – беше кусата изјава на генералниот секретар на кабинетот на претседателот на Република Македонија, Миле Бошњаковски.

– Бугарија не треба да се плаши од отворањето на Македонскиот културен клуб “Никола Јонков Вапцаров“, туку напротив со ова треба да покаже дека е вистинска демократска и европска држава! Oтворањето на Mакедонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ е добро за Македонија, но ќе мора да се направи сѐ за сите да се сплотат. Младите треба да се донесат во клубот, зошто ако нив ги нема, ништо нема да има. Треба сите да запаметат дека Гоце Делчев се бореше за ослободување на Македонија, а не на Бугарија. Тој е роден во Кукуш, а не во Софија, сѐ друго се приказни на фанатиците и непријателите на Македонија. Во Грција направивме Македонско друштво со името на Крсте Петков Мисирков и денес работиме слободно, никој не е против. Кога отидовме во судот, не ни рекоа што име е ова – Крсте Петков Мисирков. Еве, веќе три години работиме и твориме. Затоа и Бугарија не треба да се плаши од овој клуб што денеска се отвара овде во Благоевград, – истакна отец Никодим Царкњас во изјава за медиумите.

– Го крстивме клубот по името на големиот поет Никола Вапцаров роден во Македонија во времето на Отоманската Империја во 1909 година, кој целата своја љубов кон Македонија ја изразил во својата поезија. Пораснал во Бугарија, ја освоил бугарската култура и напишал прекрасна поезија на бугарски јазик. Антифашист и идеалист, човек симбол на Македонците во Бугарија, кој чесно и просперитетно работел во државата каде живеел. Немаме сепаратистички намери, сакаме да живееме во Обединета Европа. 32 години се бориме за регистрација на политичка партија. Бугарија за тоа е судена 15 пати во Европскиот суд за човекови права. Не сакаме да се судиме, ние едноставно сакаме да бидеме рамноправни како и останатите граѓани. Сакаме да се наречеме да бидеме Македонци, да може без страв да се собираме. Да бидеме од корист и за двете држави и за двата народи, бидејќи им ја знаеме душата и културата. Да си Македонец не е антибугарско дело. Македонците во Бугарија веќе 60 години се борат за своите права. Подаваме рака за пријателство, но нема да ги кренеме рацете и да се предадеме. Тука, денес сме собрани, претставници од целиот Македонски народ, од сите краеви на Македонија. Вашето присуство е силна порака кон сите и кон нас, дека не сме сами. Ќе продолжиме со праведната борба и покрај омразата, – рече Милан Ризаков во името на основачите на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“.

– Тука сме да го поддржиме отворањето на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“, да ги поддржиме Македонците од оваа страна на границата и да испратиме јасна порака, дека ние сме Македонци кои зборуваат Македонски јазик и доаѓаат од Македонија! И за тоа во 21 век не треба никој да има дилема, ниту треба воопшто за тоа да се разговара. Треба да се почитува правото на самоопределување, а нашето право да се самоопределиме како Македонци е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти! Затоа сме и денес тука, да ги поддржиме нашите Македонци во Бугарија. Со Македонскиот Устав правата на сите малцинства се загарантирани. А, Македонскиот Устав е во согласност со сите меѓународни норми и правила. Прашањето е зошто правата на Македонците во Бугарија не се признати? ВМРО-ДПМНЕ не е причина која разединува, напротив е причина која обединува, а не покренува тензии. Ние како Македонци сме горди што сме овде и можеме да го поздравиме отворањето на овој клуб. Македонскиот народ овде има право да се самоопредели како Македонски народ. Секое малцинство во Македонија има загарантирани права во Уставот, секој има право на самоопределување! Според последниот попис во Македонија околу 1.500 Бугари се изјаснија. Што се однесува до тие кои велите имаат бугарски пасоши, контрапрашањето: Пред влезот на Бугарија во Европската Унија немаше ниту еден Македонец од Република Македонија со бугарско државјанство! Тие кои зеле бугарски пасоши се Македонци, тие си ја сакаат Македонија, но поради економски причини некои од нив одлучиле да извадат пасоши. Инаку, македонското право на самоопределување е непорикосновено и треба да го почитуваат сите, посебно земјите на Европската Унија. Моето име е Христијан Мицкоски, немам намера никогаш во животот нечие име да негирам, ниту сакам моето име ниту на партијата на која сум претседател некој да има право името да го негира. Внатрешната македонска револуционерна организација се борела за независна македонска држава во срцето на Балканот, – рече Христијан Мицкоски во изјавата пред медиумите.

– Даваме целосна поддршка на ваквите клубови. Очекуваме подобрување на односите, затоа што во европска држава треба да се почитуваат правилата. Ова е прв македонски клуб што се отвора, иако фомрално, бидејќи правно и легално бугарската држава не дозволува. За разлика од фашистичките клубови кои се отвораат во Македонија, името на овој клуб носи име на антифашист, на комунист, од тој идеолошки аспект даваме целосна поддршка на ваквите клубови. Нема тензии, не правиме тензии. Очекувано беше да дојдат премиерот и претседателот, бидејќи ова е историски настан, но тие не се одважија – рече Димитар Апасиев, лидерот на Левица кој присуствуваше на отворањето на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“.

– Делегацијата даде јасна поддршка за признавање на правата на Македонците, при што имаше средба со раководството и основачите на Македонскиот културен клуб. Како што Бугарите во Македонија можат да се здружуваат, да формираат клубови, политички партии, да ги негуваат нивните културни особености, тие права согласно меѓународните и европски конвенции мора да ги имаат и Македонците во Бугарија, – изјавија од Демократскиот сојуз.

– Се разбира, Републиката Македонија не може да ја супституира Империјата Македонија. Сите сме биле делови на исти империи на овие простори и неспорно носиме исти или сродни вредности. Впрочем, големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. А, универзални вредности на македонската цивилизација на која сите ние заедно припаѓаме, се: мирот и љубовта, наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; културниот глобализам што подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам кој врз основа на профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, се’ до нивна физичка ликвидација од земјината топка. Оттука, Гоцевата мисла “Светот како поле за културен натпревар помеѓу народите“ не претставува само негова лична импресија, туку експресија на генетскиот код на Македонската цивилизација. Затоа, ние Македонците, макар и еднострано, декларираме: Културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите помеѓу современите литературни јазици, како производ на современите политички нации. Македонците немаат територијални претензии кон Бугарија, ја почитуваат бугарската политичка нација со културна идентификација, не се мешаат во внатрешните работи на Бугарија и нивните корени во Татарстан, Кина и Монголија, но отфрлаат грубо мешање на Софија во внатрешните работи на Македонија, поради неизживеаната романса за руската креација Санстефанска Бугарија од 3 март 1878 година после Руско-Турската војна 1877-1878 година, која ниту била, ниту кога и да е ќе ја биде. И покрај сите хипотеки од Балканските војни, Првата и Втората светска војна, и покрај окупацијата и геноцидот, Ние, Македонците, предлагаме историско македонско-бугарско помирување и Договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, но врз основниот принцип на меѓународното право на “суверена еднаквост“ што значи: взаемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусбените односи! За многаја лета Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ во Благоевград и Боже поможи, по еден македонски културен клуб во сите градови на Бугарија, бидејќи Бугарија во основа е Македонија, во основата на бугарскиот демос е македонскиот етнос, и затоа Македонија и Бугарија се инверзни матрици во иреверзибилни процеси, а ништо страшно од тоа и ништо чудно, за да градиме единство на разликите. Амин! – рече претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.

После програмата во просториите на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ присутните во поворка заминаа заедно на полагање цвеќе на спомениците на Димитар Благоев и Гоце Делчев, како и на Меморијалот “Делчев род“ во црквата “Воведение Богородично“.

©Македониум