Со пригодна свеченост во градската библотека се отворија Деновите на македонската култура во Корча.
Три последователни дена преку различни активности ќе се престават културните, уметничките вредности и традициите на Македонија.
На отворањето на манифестацијата, градоначалникот на Корча, Сотираќ Фило рече дека е задоволство да се пречекаат пријателите од Македонија и дека овие две земји кои имаат заедничка историја веќе имаат посебен интерес, а тоа е членството во Европската Унија, пренесува весник Македониум.
– Албанија и Македонија се две соседни земји кои имаат заедничка историја, но имаат и заедничка амбиција, а тоа е интеграција во Европската Унија. Ги започнавме овие Денови со средба посветена на економската соработка во областа на туризмот, додека ќе продолжиме со други активности како што е изложбата што ќе ја видиме денеска и ќе продолжи утре и задутре со активности од типот на концерти, други изложби и документарен филм, така што имаме разновидност на уметнички и културни активности, изјави градоначалникот Фило.
На отворањето на манифестацијата беше присутен и македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, кој ги поздрави присутните.
– Добровечер Корча и поздрав до сите. Дозволете ми искрено да ве поздравам и да се заблагодарам за вашето присуство. Изразувам посебна благодарност до градоначалникот Фило за поддршката во организацијата на оваа манифестација. Деновите на македонската култура во Корча имаат за цел на еден современ начин да престават еден мал дел од културната шареноликост на мојата татковина, Северна Македонија. Истовремено, да возврати на подадената рака на овој прекрасен град, низ чии улици и околни места шепотат бројни легенди кои достигнуваат до Москополе и Преспа. Затоа и самата манифестација е замислена како културен, образовен и секако економски настан кој има за цел да ја прошири и продлабочи соработката меѓу овие две пријателски земји. Оттука изразувам посебно задоволство од присуството и разговорите на директорите на агенциите за туризам, кои ќе отворат нови хоризонти за успешно претставување на туристичките потенцијали на нашите две држави. Конечно манифестацијата ја посветуваме на вашите сограѓани, припадници на македонското национално малцинство, но и на студентите, младите луѓе и вашите ценети граѓани, понудувајќи бесплатно изучување на македонскиот јазик на Филолошки факултет, при Универзитетот „Фан С. Ноли“, кој успешно соработува со битолскиот Универзитетот „Климент Охридски“, рече амбасадорот Марковски.
Отворањето на Деновите на македонската култура во Корча започна со специјална изложба на познатиот македонски уметник Зоран Кардула придружуван од Блуз бендот „Во расположение“.
©Македониум