Претседателот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски во интервју за албанската телевизија МЦН изјави дека власта и опозицијата во Албанија се против формирањето на општините Гора и Голо Брдо со македонско население пренесува весник Македониум.
Телевизијата констатира дека македонското малцинство останало со истото незадоволство од територијално-административната реформа.
Стерјовски, кој е поранешен пратеник и единствен кој јавно ја кажува својата етничка припадност, на тоа оценува дека територијалната реформата од 2014 година не ги исполнила обврските кон ова малцинство.
– Во однос на инклузивноста, немаме ниту еден советник од областите на Гора и Голо Брдо во соодветните совети на овие општини. Се бројат на прсти бројот на вработени од областите Гора и Голо Брдо во овие општини. Се надевавме дека со оваа територијална реформа ќе се поправеа оние грешки кои беа направени во 2014 година и ќе се спроведеа меѓународните конвенции за почитување на правата на малцинствата, рече тој.
Со надеж дека нивниот проблем ќе биде решен со новата територијална карта, каде што се бара покрај општина Пустец и создавање на општини на македонското малцинство во областа Гора во Округот на Кукс и во областа на Голо Брдо во округот Пешкопеја, Стерјовски вели дека нема политичка волја меѓу партиите да го преземат тој неопходен многу значаен чекор за Македонците.
Според него Социјалистичка партија се повлече, нарекувајќи ја ефикасна претходната реформа, додека во меѓувреме во нацрт предлогот на опозициската Демократска партија не беа земени во предвид нивните барања.
– Како заедница ги дадовме нашите мислења до Специјалната парламентарна комисија за административно-териториалната реформа и бевме многу добро примени. Немаше противење од ниту еден пратеник од власта или од опозицијата во таа комисија и мислевме дека конечно ќе има политичка волја да се прифатат нашите барања. Во крајна линија, со создавањето на овие две општини, граѓаните таму едноставно ќе имаат подобра и поблиска услуга, но и таму би се почитувале правата на македонското малцинство бидејќи со законот за заштита на националните малцинства многу права на малцинствата се поврзани со бројот и процентот што го заземаат во една општина. Законот за заштита на националните малцинства за жал се спроведува само во општина Пустец, во областа Преспа, вели тој.
Нагласува дека ги дале своите мислења во комисијата, укажувајќи при тоа и на непочитување на правата на националните малцинства.
– Како држава ги отворивме и преговорите за членство во ЕУ, а за членство во ЕУ е потребно исполнување на критериумите за заштита на националните малцинства и за жал се покажа дека нема политичка волја од сите политички сили за почитување на правата на малцинствата, констатира Стерјовски.
https://www.facebook.com/watch/?v=623511179288758
©Македониум